Бисер балкански – Жената со тракторот

203

– Слушам овие денови како некои ми порачуваат повторно да седнам на трактор. Јас им порачувам, знам да возам трактор, но никаде не одам од овде, затоа што ја сакам оваа земја и ѝ припаѓам. Во Србија не можев да се исклучам од ијекавицата и постојано ме коригираа. Овде бев единствена во одделението од православна вероисповед и единствена не посетував настава за веронаука, па имаше провокации.

Бев свесна за околностите. Понекогаш ме гаѓаа со камења, но сето тоа не ме погодуваше. Имам пријатели од сите националности и се дружиме цел живот. Најтешко ми е кога ќе дојде прославата за операцијата „Бура“. Тогаш тие од страна ја подигаат тензијата, а страдаме ние што живееме овде – рече Ања Шимпрага, пратеничка од српското малцинство во Хрватска, која живее во мало место до Книн. Со својот говор од собраниската говорница, во кој отворено им порача на националистите дека и таа била една од долгата колона на нејзини сонародници што качени на трактори ги напуштија своите домови во текот на војната во 1995 година.


Панорама

Тирана – По низата дневни рекордни бројки на новозаразени со ковид-19 во земјата, албанскиот претседател Илир Мета ја изнесе сопствената загриженост за влошената состојба и побара од Владата да го зголеми буџетот за здравствениот сектор, јави дописничката од Тирана. Тој бара итно преземање на сите потребни мерки и зголемување на болничките капацитети за интензивна терапија, набавка на потребните апарати и преземање на сѐ што е неопходно за третирање на заболените од коронавирус. („Опсервер“)

Софија – Европратеникот Андреј Ковачев јавно побара да се објават имињата на сите што имаат бугарско државјанство како одговор на ширењето омраза против Бугарија.
– Ова е неприфатливо за мене. Ги повикувам бугарските институции јавно да ги коментираат имињата на сите што стекнале бугарско државјанство и се активни во ширење омраза против Бугарија, активни на оваа тема во нивните партии и организации, целосно ангажирани во активности против бугарската историја и националниот идентитет – напиша Ковачев на Фејсбук. („Република“)