Бериша: Грабежот на аеродромот во Тирана е организиран од државата

144

Поранешниот албански претседател и премиер Сали Бериша, коментирајќи го грабежот на 10 милиони евра на меѓународниот аеродром во Тирана, обвини дека станува збор за предизборна кражба, организирана од самата држава.

– Ова е предизборна кражба, организирана од одредени сегменти на државата. Со идентично сценарио од 2016 година. Со државен банкрот. Со извонредна прецизност што може да се постигне со учество на аеродромските безбедносни елементи од Управата за цивилна воздушна пловидба. Тоа е сценарио на државата. Нема криминалци во светот кои може да организираат идентично сценарио по вторпат – обвини Бериша во гостување на тиранската телевизија Ора њуз.

Тој смета дека во врска со грабежот нема да биде уапсено ниту едно лице, туку дека државата ќе исценира некој сторител, кому ќе му даде 100.000 евра и ќе го осуди на две години затвор, па ќе го ослободи.

При грабежот, што се случи на 9 април попладне, од просторот за багаж во авион што требало од Тирана да полета за Виена, беа украдени 10 милиони евра што им припаѓале на три банки. Во престрелката со полицијата беше убиен еден од четворицата ограбувачи.

По овој настан, за безбедноста на аеродромот сега наместо приватна агенција се грижи државната полиција, а во надворешниот периметар се распоредени припадници на албанската Армија од специјалната единица „Командоси“ и од воената полиција.