Белград со нови надежи по средбата Вучиќ – Помпео

108

СРБИЈА

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека дијалогот меѓу Белград и Приштина во најдобар случај ќе продолжи во декември.
– Тешко може да се очекува да се случи тоа пред одржувањето на изборите во Косово, за кои верувам дека ќе бидат на 6 октомври, иако сѐ уште не се распишани. Тоа значи, во најдобар случај, на почетокот на декември, но пред тоа е важно да се зборува за укинување на таксите – истакна Вучиќ по неговата средба со Њујорк со американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Мајк Помпео изјави дека нормализацијата на односите со Косово ќе ја зголеми стабилноста на Србија, на Западен Балкан и на трансатлантската заедница.
Колумнистката Љиљана Смајловиќ во гостувањето на РТС изјави загриженост од „ненадејното“ зближување меѓу САД и Србија и се запраша што е тоа што Вашингтон го бара од српската страна за продолжување на дијалогот со Приштина и за укинување на царинските такси.

– Ова за нас е реткост. За Приштина не е ништо ново. Тачи двапати за последните неколку месеци се сретна со Помпео. Нешто се смени, знаеме од доверливи извори дека првпат американската администрација испратила прашање до Приштина, за што се подготвени да направат отстапки за Србите – вели Смајловиќ.
Според неа, состанокот на највисоко ниво ја покажува намерата на администрацијата на САД од косовскиот проблем да добијат поени за себе до претседателските избори наредната недела.