Белград се подготвува за најкритичните две недели

2916

Србија

За Србија следната недела е најважна и се очекува најсилното забрзување на ширењето на коронавирусот, додека во петтата недела епидемијата полека ќе го достигне врвот, изјави вчера епидемиологот Предраг Кон, кој досегашната состојба со заболени лица ја оцени како „стабилна“. Во Србија се регистрирани 457 заболени лица, а има и седум смртни случаи. Здравствените власти најавија и ставање во целосен карантин на три града, а како најкритични жаришта на заразата се Белград, Ниш и Ваљево.

– За жал. состојбата е очекувана. Опасноста и натаму е присутна. Важно е во следните две недели да имаме железна дисциплина – вели Кон.
Од вчера почна да работи карантинот во белградскиот саем за полесно болните и оние со лесни симптоми за кои постои сомнеж дека можеби се носители на вирусот. Поставени се околу 3.000 кревети, оградени по неколку со параван, за пациентите да имаат колку-толку приватност.

Домаќинствата во Србија, во периодот од 24 февруари до 15 март, на храна, пијалаци, лична хигиена и хемиски средства за домот потрошиле 8,5 милиони евра повеќе во однос на истиот период лани, пренесуваат српските медиуми. Сапунот е еден од најбараните производи во Србија, веднаш зад шеќерот и брашното. Купувачите од Белград и Војводина трошеле малку повеќе пари за резерви во споредба со домаќинствата во источна и јужна Србија. Убедливо највисок раст, повеќе од 70 отсто, има кај брашното, шеќерот и сапунот, потоа кај замрзнатиот зеленчук, конзервирана риба, јајцата, тоалетната хартија, тестенините, замрзнатото тесто и маслото за јадење.