Белград продолжува со политиката за непризнавање на Косово

70

Гана е 16-та земја што го повлече признавањето на Косово од јануари 2012 година. Mинатиот викенд стигнала нота од Министерството за надворешни работи на Гана, во која се наведува дека таа земја го повлекува признавањето на Косово, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, за телевизијата Прва.

– Таа досега е најголемата земја што го направи тоа, има 30 милиони жители, трипати е поголема од Србија. Гана ѝ беше традиционален пријател на Југославија – рече Дачиќ.

Тој додаде дека до крајот на годината очекува уште повлекувања на признавањето на Косово.
Разговорите на различни нивоа меѓу Србија и Гана траеле долго време. Во писмото од Гана се наведува дека одлуката на претходната влада за признавањето на Косово како независна држава е погрешна и дека претставува кршење на Хелсиншката повелба и на Резолуцијата 1244. Притоа се наведува дека Владата на Гана го зела предвид и постојниот дијалог меѓу Белград и Приштина
– Одлуката на Гана да го повлече признавањето на Косово и Метохија е уште една потврда на нашата политика за барање решение низ дијалог и компромис, со задолжително учество на Србија во тој процес. Едностраните решенија не се пат кон мир и стабилизација на состојбата – изјави Дачиќ.

Министерството за надворешни работи на Косово ја демантира веста што претпладнево ја објави шефот на министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, дека Република Гана наводно го повлекла признавањето на Република Косово, нарекувајќи ја „уште една од низата лаги“ на српската дипломатија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Советникот на министерот во оставка Беџет Пацоли, Јетлир Зиберај, за порталот „Газета експрес“ изјави дека Гана има акредитиран амбасадор и почесен конзул во Косово.

– Тоа е само уште една од низата лаги. Се работи за постојана пропаганда и валкана кампања од Ивица Дачиќ и нема потреба да се губи време со него. Гана има акредитиран амбасадор во Косово. Има почесен конзул што ја претставува. Неодамна министерот Пацоли се сретна со министерката за надворешни работи на Гана (Ширли Ајоркор Бочуар) во ООН во Њујорк – изјави Зиберај.