Белград не го прифаќа американскиот план за Косово

231

Претседателот на Одборот за Косово и Метохија во српскиот парламент, Милован Дрецун, вели дека постои огромен јаз меѓу Србите и Албанците, а помирувањето на двата народа, кое е неопходно, не може да го прават луѓе како Рамуш Харадинај.
– Тоа што САД бараат од Србија да ја признае самопрогласената држава Косово и да го отвори патот за нејзино членство во ОН не е ништо ново и Србија тоа нема никогаш да го направи. Нашата држава мора да ги дефинира приоритетите. Проблемот на КиМ мора да се врзе со Република Српска. Кога Рамуш Харадинај зборува за помирување, тоа е цинично, а негов најдобар придонес за градење доверба е тој да одговара пред судот за сторените злосторства – вели Дрецун за телевизијата Пинк.

Косово ќе се согласи на помирување со Србија во замена за признавање на независноста, изјави претходно косовскиот премиер Рамуш Харадинај.
– Што може Косово да даде за договорот за признавање. Може помирување, бидејќи нема што друго да даде. Помирувањето не е малку, значи да ја заборавиме нашата болка по исчезнатите и убиените, штетата, жртвите на сексуалното насилство, уништената и ограбена економија – изјави Харадинај.
Косовскиот премиер додаде дека ова е годината во која Косово треба да стане членка на Интерпол, меѓународната полициска организација.

– Длабоко сум убеден дека многу земји ќе бараат членство на Косово во Интерпол, бидејќи така се бори против транснационалниот криминал, кој е опасен и сериозна закана – изјави Харадинај.
Тој заклучи дека зачленувањето на Косово во Обединетите нации е прашање што треба многу брзо да се реши.