Белград и Приштина во засилена пропагандна војна

262

Во последниот период се интензивираа информациите емитирани од Белград и од Приштина, што само укажува на фактот дека се води „засилена медиумска кампања“ заради зацврстување на преговарачките позиции или, пак, да се одвлече вниманието на граѓаните од вистинските преговори, кои се водат далеку од очите на српската и на косовската јавност

Јамајка го призна Косово. Јамајка не го призна Косово. Ова се двете информации, кои беа објавени една по друга во временски интервал од неколку часа, а кои беа пренесени на сите медиуми во Косово и во Србија. Првата вест, која се однесува за „признавањето“, беше испратена од Приштина, а втората доаѓа од Белград со објаснување дека министерката за надворешни работи на Јамајка, Камина Џонсон Смит, ја демантирала изјавата на косовскиот претседател Хашим Тачи дека државата ја признала независноста на Косово.

Во периодот на објавувањето на двете вести се водеше твитер-дипломатија, која ја иницираше косовскиот претседател Хашим Тачи, кој на социјалните мрежи напиша дека од амбасадорката Вљора Читаку бил известен дека Јамајка го признала Косово. Претходно и премиерот на Косово, Албин Курти, изрази благодарност до Владата и народот на Јамајка. „Сакам да им се заблагодарам на народот и на Владата на Јамајка, како и на премиерот Ендру Холнес. Се радувам на соработката и искажувам благодарност од Косово за сите идни соработки“, напиша Курти на Твитер. Задоволството на Приштина од значајниот дипломатски успех беше прекинато откако министерката Џонсон Смит ја ретвитна објавата на Тачи со краток коментар: „Јамајка не го препознава Косово како независна држава“.

Со ова заврши една епизода од дипломатското надмудрување меѓу Приштина и Белград, кое е продолжување на „пропагандната војна“ за прашањето за признавањето на независноста на Косово. Во минатото имаше повеќе случаи кога се пласираа различни вистини за тоа дали некоја островска држава од далечниот Пацифик го признала Косово или, пак, таа го повлекло признавањето. Меѓутоа, последната епизода со Јамајка има посебна политичка тежина, затоа што покажува дека двете страни продолжуваат со своите меѓународни лобирања за остварување на своите цели, што уште повеќе го отежнува почетокот на дијалогот за кој со сите сили се залагаат од меѓународната заедница и, пред сѐ, од САД. Имено, како услов што се поставува од Приштина е Белград да престане со обидите да влијае кај некои држави да го повлечат признавањето на независноста на Косово. Од друга страна, и Србија бара да го стори тоа и новата косовска влада, а особено се реагира и на последната иницијатива на Тирана за заедничка кампања и лобирање за проширување на списокот на земји, кои го признаваат Косово како држава.

Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, во својата последна изјава од завчера, побара меѓународната заедница да ги притисне Тирана и Приштина да отстапат од кампањата за признавање на Косово, пренесе „Спутник“.
– Очекувам големите западни земји, истите тие што вршат притисок и врз нас, да притиснат и на другата страна да се откаже од нивните идеи. Само таков потег би бил принципиелен и одговорен, но не се надевам дека ќе се оствари тоа – рече Дачиќ.
Во наредниот период се очекува да бидат пласирани многу информации и дезинформации, кои се однесуваат исполнувањето на предусловите за почнување на преговорите меѓу Србија и Косово. Медиумите во регионот често пренесуваа изјави за „силен“ притисок за повлекување на царините за српските производи, кои се применуваат и од новата косовска влада. Како „лажна вест“ беше прогласена и „можноста за размената на територии“, што како опција беше дадена и од американскиот државен секретар за Западен Балкан Метју Палмер. Еден ден по ова следуваше уште една информација, која не беше ни потврдена, ни демантирана од официјалните страни, што само укажува на фактот дека се води „засилена медиумска кампања“ заради зацврстување на преговарачките позиции или, пак, да се одвлече вниманието на граѓаните од вистинските преговори, кои се водат далеку од очите на српската и на косовската јавност.

Имено, приштинска „Газета експрес“ пишува дека САД размислуваат да ги повлечат своите трупи од Косово, доколку Приштина не ги укине царините за стоките од Србија. Според весникот, американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет му порачал на косовскиот премиер Албин Курти дека неговата земја размислува за таква опција, која, како што вели „Газета“, е најсериозната закана на САД за Косово досега.
Весникот потсетува дека пред неколку месеци се шпекулирало дека Американците размислуваат да го отстранат кампот „Бондстил“ од Косово, доколку политичкото раководство продолжи да не ги почитува барањата на меѓународниот фактор за укинување на царините, но тие информации никогаш не биле потврдени.