Белград ги презема стратегиските сектори во Република Српска

165

Со преземања фирми од енергетскиот и од телекомуникацискиот сектор Србија ќе стекне голема моќ во РС и целата Босна и Херцеговина

Србија ги презема компаниите и јавните претпријатија во Република Српска во областите што се од стратегиско значење, како што се енергетскиот сектор, телекомуникациите и радиотелевизиската мрежа.

Со овие преземања Србија ќе стекне голема моќ во РС и целата Босна и Херцеговина. Процесот се одвива преку претпријатијата што се во државна сопственост, а предмет на преземање се фирмите од јавниот и од приватниот сектор, пишува „Бизнис инфо“.
Комисијата за заштита на конкуренцијата во Србија пред неколку дена го одобри планот на јавното претпријатие „Србија гас“ за преземање 79,29 отсто од уделите со кои се стекнува со индивидуалната контрола над фирмата „Бијелина-гас“ од БиХ. Малцинскиот пакет на акции останува кај домицилната фирма, која е во сопственост на градот Бијелина. Ова претпријатие е основано во 2009 година заради гасификација на градот.

„Србија гас“ влезе на пазарот на БиХ во март годинава со купување удели во претпријатието „Гас промет“ во Источно Сараево.
Министерот за енергетика и рударство на Република Српска Петар Докиќ вели дека „Србија гас“ станува најголем сопственик на акции во „Гас промет“ Источно Сараево со 39,14 отсто од капиталот.

„Србија гас“ е претпријатие во државна сопственост, а нејзиното влегување на босанско-херцеговскиот пазар е значајно поради најавената гасификација на РС, преку изградбата на кракот од „Турскиот тек“, низ кој ќе поминува руски гас.
Србија и РС соработуваат и во изградбата на енергетски капацитети, особено на текот на Дрина. Исто така, се појавија информации дека Србија планира да ја купи и „Електростопанство РС“. Генералниот директор на ова претпријатие Лука Петровиќ вели дека немало никакви разговори за приватизација, но остава простор за други форми на соработка со Србија.

Втора стратегиска област за преземање компании се телекомуникациите и дистрибуцијата на медиумски програми. Овие процеси се вршат преку компанијата „Мтел“, односно преку неговиот сопственик „Телеком Србија“, која е во сопственост на државата Србија.

Во сопственост на „Телеком“, преку „Мтел“, се наоѓа и сараевската фирма „Логософт“. Лани „Мтел“ ги купи „Телрад нет“ од Бијелина и „Блицнет“ од Бања Лука. Со преземање и на други фирми „Мтел“ ќе оствари целосна доминација на пазарот на фиксна и мобилна телефонија, во нудењето на интернет-услугите и дистрибуцијата на радио и ТВ-програма во Република Српска.