Баша: По шест години владеење на Рама, Албанија е пред колапс

126

Лидерот на најголемата албанска политичка сила, Демократската партија, Љуљзим Баша обвини дека состојбата во економијата, вработувањето, претприемништвото и благосостојбата на Албанците, по речиси шест години владеење на Еди Рама е на прагот на колапс.

– Албанците ја изгубија надежта, стотици илјади ја напуштија земјата, други се обидуваат да ја напуштат. Младите се невработени, без ронка надеж, а со пропаднат образовен систем, протестираат, додека илјадници млади луѓе иднината ја гледаат единствено во емиграција. Малите, средни или големи фирми ги загубија можностите за развој, поради заробениот пазар од страна на олигархијата поврзана со Еди Рама. Местото на чесно претприемништво на пазарот го зазедоа бандитите со пари од дрога и криминал. Претприемачот секојдневно страда од фискалното, казненото и корумпираното насилство на бирократската бандитско-политичка инспекција на Еди Рама – посочи Баша на денешната средба со бизнис секторот на која присуствуваше Мартин Хенце, главен советник за економски прашања на парламентарната група на ЦДУ.

Според Баша, странските инвестиции бележат пад по завршувањето на некои големи проекти наследени од демократската влада, а странците кои се обиделе да инвестираат во Албанија биле спречени од олигархо-бандитскиот систем.

– Тие заминаа и продолжуваат да заминуваат. Нови големи инвеститори од Западот нема на повидок. Со завршувањето на ТАП и Каскадата Девол, десетици илјади Албанци ќе ги загубат своите работни места. Иако Демократската партија ги осуди овие проблеми и продолжува да го прави тоа со упорност и трпеливост, стои потребата од промена – рече меѓу другото Баша.

Тој посочи дека Демократската партија има јасна програма со итни мерки за „ослободување на економијата од нејзините окупатори“, целосни мерки за поттикнување на двигателите на економијата за висок, одржлив, инклузивен и еднаков економски раст кој „генерира благосостојба за поширокото општество и помага за излез од сиромаштијата на маргинализираните и заборавени слоеви“.