Баша повикан на „советување“ во САД

62

Посетата на лидерот на опозициските демократи Љуљзим Баша на САД се случува во многу значен политички момент во Албанија, кога опозицијата најави силни активности против Владата, кои не подразбираат само протести туку и можност за бојкот на институциите, па други и за „гаснење на пратеничките мандати“

Лидерот на албанските опозициски демократи Љуљзим Баша отпатува во ненајавена посета на САД, каде што ќе има низа средби со официјални лица.

Од партијата не даваат детали за посетата, само дека тој во Вашингтон ќе остане до 12 јули и оти ќе оствари средби со високи претставници на американскиот Стејт департмент. Оттаму ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат веста дека Баша ќе се сретне и со новата амбасадорка на САД во Тирана, Кетлин Ен Кавалец, која набргу треба да го замени амбасадорот Доналд Лу.

Во отсуство на информации, некои од медиумите наведуваат дека Баша е повикан на „советување“ за надминување на тензиите на политичката сцена во земјата.

Инаку, неговата посета се случува во многу значен политички момент во Албанија, кога опозицијата најави силни активности против Владата, кои не подразбираат само протести туку и можност за бојкот на институциите, па други и „гаснење на пратеничките мандати“.

Во меѓувреме денешната пленарна седница на албанскиот законодавен дом ја напушти опозицијата, откако не беше прифатено нејзиното барање да биде поништено гласањето за уривање на Националниот театар во Тирана.

Објектот,кој е дело на италијанскиот архитект Џулио Берте, е изграден во 1938-1939 година, по барање на албанскиот крал Ахмед Зогу, и се смета за еден од најубавите и најзначајни објекти по кои е препознатлива албанската метропола.