Баша побара оставка од Рама

114

АЛБАНИЈА

Лидерот на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша, изјави дека Европа го одби Еди Рама, а не Албанија, додека и му побара на албанскиот премиер да го следи примерот на Заев во Северна Македонија, кој даде оставка водејќи ја државата на предвремени избори.

– Европа го одби Еди Рама, не Албанија. Неуспехот е на Еди Рама, не на Албанија. Еден човек нѐ држи заложници сите. Ова треба да заврши. Време е Владата да го следи примерот на Владата на Северна Македонија, да ги преземе одговорностите за своите неуспеси и да му го врати мандатот на албанскиот народ. Со нова легитимна влада, која го води процесот на преговорите, напредок е можен – изјавил Баша на прес-конференција што беше одржана во партиското седиште.
Тој рече дека криминалот и корупцијата се загрижувачки за земјите на Европската Унија.

– Казната за купување гласови, функционирањето на високите судови во земјата, изведувањето пред лицето на правдата на инкриминираните и корумпираните на високо ниво се барањата за кои не може да се преговара за започнување преговори. Ова не се проблеми на Европската Унија, како што наведува пропагандата во режија на актуелниот премиер. Тие се проблеми на неговото владеење. Нашата влада, која беше одбиена од европските земји, продолжува да не се откажува од власта на штета на албанскиот народ. Имаме само еден пат кон иднината, а тоа е европскиот пат – изјавил Баша, пренесува ТВ Клан.