Баша: Албанија ја дестабилизира криминалот, бидејќи тој владее со неа

15

Албанската опозиција, предводена од Демократската партија на Љуљзим Баша ја бојкотира и денешната, втора, седница на Парламентот, по летните одмори, на која меѓу другото се расправа по ребалансот на буџетот за 2018 година.

Раководствата на опозициските партии и пратениците средба одржаа во Елбасан на која демократскиот лидер, Баша рече дека криминалот владее со Албанија.

– Албанија ја дестабилизира криминалот, бидејќи тој владее со неа. Премиерот им ја предаде контролата во земјата на криминалците и нивните соработници, како што е министерот за внатрешни работи Фатмир Џафај, обвини Баша.

Според него Рама „ќе ги остави недопрени и криминалните семејства во Скадар идентично како оние во Елбасан, кој е симбол на поврзаноста на власта и криминалот“.

– Елбасан е главен град на криминалот, епитет кој ни најмалку не го залужува овој град и неговите граѓани, кои имав можност да ги запознаат од блиску, бидејќи се исполнети со вредности. Елбасан страда од ковладеењето со криминалот-обвини Баша, посочувајќи повеќе имиња од власта но и братот на премиерот Рама.

Тој не верува дека полицијата ќе стори нешто и во Скадар, зашто откако ќе се пофали со запленувања на автомобили и неколку апсења, криминалците ќе ги остави „да продолжат со нивната активност“.

– Откако ги преплавија провладините портали и екрани со бомбастични наслови за запленети толку и толку блиндирани возила и приведени толку лица, само за да покажат дека нешто се движи а што следуваше откако опозицијата го осуди присуството на блиндирани возила сопственост на криминалните семејства во Скадар, ќе ги остават на мира да продолжат со криминалот- изјави Баша.

Тој најави дека опозицијата подготвува платформа за излез од создадената ситуација во земјата.

Опозицијата ја бојкотираше и првата седница на Парламентот, по летните одмори, што се одржа на трети септември. Тогаш таа одржа средба во северниот град Скадар, каде во последните три месеци забележан е рапиден раст на криминалните дела, меѓу кои и шест, како што ги нарекуваат, мафијашки убиства, две изчезнати лица и неколку киднапирани деца, кои се ослободени откако за нив е платен откуп.