Балкан-егзит како рециклиран кошмарен сон

348
Границата меѓу Косово и Албанија не треба да постои, порачуваат повторно од Тирана

Приказните за „излегување“ од веќе воспоставените балкански граници никогаш не исчезнале, а последнава недела зачестија. Милорад Додик зборува за „РС-егзит“, Албин Курти порачува дека е „време Србија да се ослободи од Косово“, а од САД не ја исклучуваат можноста за „размена на територии“. Наспроти ова, креаторите на
македонската надворешна политика како да се однесуваат незаинтересирано за тоа што ни се случува во поблиското соседство

„Гудбај БиХ, велком РС-егзит“ (Збогум Босна, добре дојде РС-егзит!), повика Милорад Додик на посебната седница на Народното собрание на Република Српска, која беше свикана неделава, по најновата криза во Босна и Херцеговина предизвикана со одлуките на Уставниот суд на БиХ, со која се централизира сопственоста на земјоделското земјиште што се наоѓа на просторот на српскиот ентитет. Тој истакна дека Република Српска и српскиот народ немаат шанса во БиХ зашто ги сметаат како категорија што Сараево и Бошњаците не ја прифаќаат, ја мразат и сакаат да ја уништат.

– Српскиот народ е измамен. Се обидуваат да нѐ направат помалку вредни, мислејќи дека само тие знаат што е добро за нас. Овој пат тој суд отиде подалеку и си даде за право да носи одлуки и да префрла имот на БиХ, а тоа не ѝ припаѓа – рече тој.
Политичката криза во земјата го достигна максимумот во средата, на седницата на Претседателството на Босна и Херцеговина, бидејќи српскиот член Милорад Додик гласаше против сите точки. Тој го обвини својот колега од хрватската заедница Жељко Комшиќ дека манипулира со јавноста во врска со назначувањето странски судија во Уставниот суд на Босна и Херцеговина и побара негова оставка. Подоцна, бошњачкиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, рече дека немало манипулација и дека сите тројца членови на државното претседателство биле истовремено информирани за назначувањето странски судија.

Ваквиот развој на настаните во БиХ беше очекуван, поради неможноста на политичките претставници на трите конститутивни народи да се согласат за формирањето на федералната власт, една година по одржувањето на изборите. Во меѓувреме имаше и други блокади во практикувањето на извршната и законодавната власт, со предлозите за промена на Уставот на БиХ, употребата на етничките симболи и за (не)прифаќањето на акцискиот план за членство во НАТО, на што се противи Република Српска, која го застапува ставот за „воена неутралност“, промовиран од Република Србија. Разликите за иднината на Федерацијата БиХ станаа толку големи што темата за ревидирање на Дејтонскиот договор, а со тоа и можноста за одделување на Република Српска, стана дел од секојдневниот вокабулар на претставниците на српската заедница.

Приказните за „излегување“ од веќе воспоставените балкански граници никогаш не исчезнале кај оние што сонуваат за некакви нови големи држави. Последното прераскажување беше на средбата што се одржа меѓу вршителот на должноста министер за надворешни работи на Албанија, Гент Цакај, кој престојуваше во еднодневна посета на Косово, и неговиот домаќин Глаук Коњуфца, каде што се разговараше за заложбите на двете влади за „натамошно проширување на сестраната соработка“. Цакај рече дека границата меѓу двете држави е само симболична и дека треба целосно да се укине, пренесе РТС.

– Границата меѓу Косово и Албанија воопшто не треба да постои, треба веднаш да се укине и нашите две земји треба да уживаат неограничена слобода на движење. Тирана е подготвена да ја отстрани. Ние сме подготвени да почнеме со работата за демонтажа на границата. Треба да станува збор за повеќе технички чекори отколку за политички дискусии – изјави тој.
Овие ставови изнесени од албанскиот министер за надворешни работи се совпаѓаат и со позициите што ги застапува и косовскиот премиер Албин Курти, кој од претходно не се стеснуваше да се „слика“ под единственото албанското знаме. Курти на минатонеделната безбедносна конференција во Минхен отворено му порача на српскиот претседател Александар Вучиќ дека е „време Србија да се ослободи од Косово“.

Се чини дека можната размена на територии, што подразбира и ново менување на границите на Балканот, не е затворена тема во меѓународните договарања и преговарања, кои се одвиваат зад завесата, а што последните месеци добиваат на интензитет, по обидот од САД за обновување на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Во исто време кога Додик зборува за „РС-егзит“, Курти за „излегување на Косово од Србија“, а албански политичари го реафирмираат сонот за „бришење на албанско-косовската“ граница, во јавноста беа пласирани ставовите на американскиот државен секретар за Западен Балкан, Метју Палмер, за тоа дека „двете страни треба да ги одредат параметрите на дијалогот“. Тоа наедно, како што пренесе „ЕУ обзервер“, не ја исклучува и „можноста за размена на територии меѓу Србија и Косово“. Американскиот амбасадор во Германија Ричард Гренел, веднаш ја демантира оваа вест, нарекувајќи ја како „лажна“, но тоа, секако, не беше доволно да ги отстрани сомневањата дека во игра се некакви нови цртања на карти на Балканот, на што остро се спротивставува официјален Берлин.

Во сите овие испраќања сигнали и пробни балони за „можни менувања на границите“, креаторите на македонската надворешна политика како да се однесуваат незаинтересирано за тоа што ни се случува во поблиското соседство! Досега Македонија повеќепати беше изложувана на разни странски платформи за обединување на припадниците на малцинствата што живеат на нашите простори, под флоскулата за „Европа без граници“. Наредните месеци нашата земја ќе биде влезена во предизборниот период, во кој се очекува да се реафирмира темата за укинување на етничките граници, што наметнува и потреба од решително спротивставување на сценаријата за формирање големи држави на Балканот.