Балканските држави со различни погледи кон минатото и иднината

362
Едностраното прекројување и бришење делови од историјата не може да влијае на идно помирување на балканските народи

Тоа што за едни е помирување, за други е понижување

Меѓу балканските народи има различни погледи на историјата. Како најкарактеристични се издвојуваат и недоразбирањата меѓу Србија и Босна и Херцеговина за геноцидот во Сребреница, како и различниот српско-хрватски поглед на операцијата „Бура“. Низ истиот „историски“ филм поминува и Македонија, која во последните години е изложена на „агресивно“ толкување на минатото што ни се наметнува од бугарските (но и од грчките) историчари

Одбележувањето на воената операција „Бура“, која во изминатиот период беше повод за хрватско-српската поделби и полемика за нејзиното значење, годинава предизвика посебно политичко и медиумско внимание. Во фокусот на вчерашната прослава на тврдината во Книн, на која учествуваше највисокиот државен врв во Хрватска, беше присутен и Борис Милошевиќ, потпретседател на хрватската влада и претставник на Самостојната демократска српска партија. Во новинарски извештаи од прославата во Книн неизбежно беше забележано како Милошевиќ стои во близина на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и фактот дека ова е првпат некој претставник на српското малцинство во Хрватска да биде на прославата на „Бура“. Оваа воена операција, која за Хрватите е симбол на големата победа над „српските паравоени формации“, за Србија значи и најголем прогон на српското население во најновата историја, во која биле протерани 200.000 Срби од хрватска територија.

Вообичаено е за овој период од годината од Србија и од Хрватска да се репризираат истите настани, изјави и патриотски пораки, кои се испраќаат со иста цел и со ист и сличен национален наратив. Но, во основа, во настапите на политичките водства се продолжуваат разликите, кои со децении ги оставаат оддалечени двата народа. Различни погледи на историјата има и во однос на другите држави на Балканот. Како најкарактеристични се издвојуваат и недоразбирањата меѓу Србија и Босна и Херцеговина за геноцидот во Сребреница, за кој и од двете страни имаат своја историска вистина. Низ истиот „историски“ филм поминува и Македонија, која во последните години е изложена на „агресивно“ толкување на минатото што ни се наметнува од бугарските (но и од грчките) историчари, кои се насочени кон едностраното „расветлување“ или, подобро кажано, кон прочистување некои темни страни од минатото или од периодот од Втората светска војна.

Во своите изјави што ги даде неделава премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, тој оцени дека е клучно тоа што 25 години по „Бура“ се испраќа нова порака во односот на Хрватите и српското малцинство, Србија и Хрватска, како и тоа каква Хрватска се гради. Што се однесува до доаѓањето на потпретседателот на владата Борис Милошевиќ, вели дека таа негова иницијатива била логична, природна, нормална.
– Малцинствата се интегрален дел на хрватското општество и нивните претставници се хрватска правна и политичка придобивка во последните 30 години – истакна Пленковиќ.

Во исто време, српскиот претседател Александар Вучиќ на централната државна комеморација на Србите што загинаа во операцијата „Бура“ во Хрватска, изјави дека неговата земја е за помирување, но дека нема да трпи понижување.
– Ние нема да ја славиме трагедијата на српскиот народ, убиството на српските цивили, убиството на српските деца. Не се согласуваме на понижување. Помирување – да, понижување – не – рече Вучиќ на мостот во Сремска Рача, каде што симболично беше одбележана програма во сеќавање на настраданите во првите денови од август 1995 година.

По 25 години од убиството на 8.000 лица од муслиманската заедница во Сребреница има поделба меѓу Србите и Бошњаците, а за оваа тема нема ни минимална согласност меѓу граѓаните и политичарите, од двете страни за бројот на жртвите и за тоа дали станува збор за геноцид или не. Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во Хаг донесе и повеќе пресуди со кои е потврден геноцидот во Сребреница, но тоа не беше доволно да се намалат етничките поделби и разликите што постојат во однос на прифаќањето на некои настани од минатото. Сите досегашни обиди за приближување на ставовите и за ново историско помирување завршија безуспешно, поради неподготвеноста на граѓаните и политичарите да ги простат грешките од минатото. Пред пет години, српскиот претседател Александар Вучиќ, по положувањето венец на споменикот на жртвите на масакрот во Сребреница, беше каменуван од насобраните граѓани.

– Сребреница е политичко прашање како и сѐ друго, но судот донесе пресуда и нема што да се расправа. Наместо секоја година да се потсетуваме на жртвите, почнуваат расправањата и се оддалечуваме од вистинската тема – оценува политичката аналитичарка од Сараево Ивана Мариќ, во изјава за Би-би-си на српски јазик.
Претседателот на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, Кармел Гиус, вели дека потешкиот дел на помирувањето кај народите почнува откако доказите се преточени, а пресудите се изречени.

– Помирувањето е процес што доаѓа од народите во регионот и од оние што ги водат, со настојување на се прифатат настаните од минатото и да се согледа потребата да се тргне заедно напред – вели Агиус, по повод 25-годишнината од Сребреница.
Тој предупреди и на обиди за спроведување на кампањата за негирање на геноцидот, која се појавува во сите облици: во политичките дискусии, медиумите, образовниот систем или преку директни обиди за ревидирање на историјата.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на својот фејсбук-профил деновиве потсети дека пред три години заедно со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, го потпишале Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, а наедно им беше „оддадена заедничка почит на илинденците од Крушево и АСНОМ, на светото место пред гробот на Гоце Делчев во Скопје“. Според тогашниот македонски премиер, овој договор за добрососедство требаше да претставува „израз на политичката волја за прогрес, за решавање на отворените прашања“. По три години, од почетокот на новата фаза во соработката меѓу двете земји, која требаше да биде „модел со кој ќе се постави споделеното минато како темел за подобра иднина и подобар живот на нашите граѓани (З.З.)“, таа се претвори во нова фаза на притисоци од соседните земји за преиначување и за еднострано толкување на поблиската балканска историја како единствена вистина, во случајов на сметка и на штета на Македонија.

Со приближување на датумот за почнување на пристапните преговори со Европската Унија, беа засилени и заканите и притисоците од Бугарија врз Македонија, за прифаќање некои нови „вистини“ од историјата на македонскиот народ. Од високи претставници на Бугарија беа упатени и навредливи пораки и изјави со кои отворено се негираше и постоењето на македонскиот јазик, што не оддаваше впечаток дека на другата страна има искрена желба за воспоставување добрососедски односи со заемно почитување на посебноста на двата народа. Затоа, секој обид за еднострано прекројување и бришење делови од историјата, не може да влијае на идно помирување и носи кон нови подлабоки поделби на балканските народи.