Балканот заглавен на митовите за победници и жртви

159

Враќањето на овие приказни се должи на тоа што просецот на распаѓањето на СФРЈ е недовршен. Србија не го решила косовскиот проблем. Босна и Херцеговина живее во постојана напнатост за својата судбина. Црна Гора поминува низ политичка криза. А Македонија водеше битки за сопственото минато и идентитет. Сите чекаат на членство во Европската Унија, кое никако да се случи

Идеологијата што доведе до распаѓање на Југославија ја преживеа демократската транзиција. Многумина не веруваа дека триесет години по настапот на српскиот претседател Слободан Милошевиќ во Газиместан, ќе продолжат истата психоза, политички дискурс и националистички наратив. Интерпретацијата на тогашните настани е една од главните политички индустрии во земјите на постјугословенскиот простор. Во Хрватска на власт е ХДЗ, а во Србија наследниците на радикалите и СПС, кои имаат интерес да потсетуваат на блиското минато за да мобилизираат поголем број приврзаници што веруваат во приказните за победници и жртви.
Во Центарот за граѓански слободи (ЦЕГАС) во Белград посочуваат дека идеологијата што доведе до распад на Југославија, а која во својата основа имала отпор кон интегративните процеси и соживотот, ја преживеа демократската транзиција. Поради тоа и немаше правовремено соочување со минатото и целосна демократска консолидација.

Институциите на системот на сите балкански држави останаа жртви на ваквите процеси и не успеаја да изградат потребен интегритет и да бидат фактор на стабилизирање во овие општества, пренесува „Ал џезира“.
– Насекаде екстремната националистичка десница претставува опасност, а често се бришат и разликите меѓу неа и фашистичката идеја. Последицата од тоа е опасноста за соживотот и оптималната демократска консолидација на балканските општества со разни ризици од манипулацијата со идентитетските политики. Наспроти сѐ, демократските процеси се во тек, но не можеме да бидеме задоволни, туку мора да веруваме дека демократијата е можна. Граѓанските структури мора да јакнат на реални основи. Не смеат да се повлекуваат поради некултурниот израз на десничарите и потребно е граѓанските процеси регионално да се вмрежуваат и да јакнат – вели Борис Мариќ од ЦЕГАС.

Политикологот и политички аналитичар Дејан Јовиќ од Хрватска смета дека промената на наративот се случила на начин што сега настаните од 1990-тите години станаа главна тема, а целата историја се интерпретира наназад од аспект на тогашните погледи.
– Гледам два различна пристапа – еден карактеристичен за оние нации и земји што сметаат дека во 1990-тите победиле, па ја слават победа и ја глорифицираат сопствената улога од тој период. На другата страна се оние што сметаат дека неправедно изгубиле и кои развиваат митови за себе и за својот народ како жртви. Хрватска е единствена земја во која се комбинираат двата мита, за победник и за жртва. Во неа националниот мит е најсилен и најтешко е да се анализира. Овој двостран мит е присутен донекаде и кај Албанците на Косово.

Во Хрватска се смета дека овој период е најславен и најуспешен во хрватската историја, а политичарите и другите креатори на идентитетот на нацијата повикуваат на единство и пожртвуваност како што било во 1990-тите. Но како и во секој мит, селективно ги интерпретираат фактите, така што оние што не се согласуваа со независноста на Хрватска едноставно се „бришат“ и се исклучуваат од историската слика. Од тој аспект се интерпретираат и социјалистичкиот период и Втората светска војна – објаснува Јовиќ за „Ал џезира“.
Враќањето на овие приказни се должи на тоа што просецот на распаѓањето на СФРЈ е недовршен. Србија не го решила косовскиот проблем. Босна и Херцеговина живее во постојана напнатост за својата судбина.

Црна Гора поминува низ политичка криза. А Македонија до неодамна водеше битки за сопственото минато и идентитет. Сите чекаат на членство во Европската Унија, кое никако да се случи.
– На овие земји не им преостанува ништо друго освен својот идентитет да го градат на оние елементи за кои сметаат дека ќе го стабилизираат општеството, а тоа е враќање на традицијата, ширење на приказните дека се жртви и се обидуваат да го преобликуваат идентитетот за да ја зацврстат хомогеноста на сопствената заедница – заклучува Дејан Јовиќ.
За Елмир Садиковиќ, политиколог од Сараево, процесот на транзиција на овие простори е проследен со идеологиите на етничките национализми, а идеолошките профилирани елити од 1990-тите и натаму се доминантна политичка сила.
– Неинтегрираниот Западен Балкан во својот културен, етнички и верски плурализам е погодно тло за манипулација на општествените митови, Селективно се реинтерпретираат историските факти и со продукција на конфликти со другите идентитети се гради сопствен хомоген етнокултурен идентитет.

Тоа е најподмолниот облик на примена на политичка моќ – вели Елмир Садиковиќ.
Душко Радосављевиќ, политиколог од Нови Сад, смета дека Западен Балкан без европските процеси тапка во место. ЕУ останува како единствен консензуален интегративен фактор, но и таа според некои сопствени аспекти се „балканизира“, а тоа дојде до израз за време на корона-кризата и околу заедничката мигрантска политика.