Балканот во заедничка офанзива против загадувањето

217

Пред државите од регионот претстои голема работа во областа на екологијата, за што се потребни политичка волја и финансиска поддршка за подобрување на квалитетот на воздухот и за заштита на животот и здравјето на граѓаните. Меѓутоа дали земјите од Балканот се целосно подготвени за справување со загадувањето, за што е неопходен и заеднички регионален пристап, но и јасно дефинирани национални еколошки стратегии

Загадениот воздух е заеднички проблем на целиот Балкан, а од осум смртни случаи во Европа еден е поврзан со загадената животна средина. Држави со висока смртност поради загадувањето се: Албанија, Босна и Херцеговина, Романија, Црна Гора и Србија. Во исто време бројот на починати од загаден воздух во ЕУ се намалува, но тој и натаму е висок, се посочува во извештајот на Агенцијата за заштита на животната средина на Европската Унија. На листата на најзагадени градови во зимскиот период редовно се наоѓаат и големите урбани центри во Македонија (Скопје, Тетово, Битола…) што наметнува и посериозен пристап за деактивирање на „еколошката бомба“, за што се потребни и висока политичка волја и меѓупартиски консензус за примена на еколошките стандарди во земјата. Во таа насока е формирана интерпарламентарна група од 39 пратеници од девет политички партии, кои преку подобри законски решенија ќе се борат против загадувањето и климатските промени. Ова е прв посериозен исчекор за заеднички настап на партиите во борбата против загадувањето, во рамките на остварувањето на европската Декларација за Зелената агенда за Западен Балкан, која беше промовирана и од Европската комисија.
Употребата на цврсти горива, јаглен во индустријата, во производството на електрична енергија и за домаќинствата, како и издувните гасови од старите автомобили се главни фактори за загадувањето во државите од Западен Балкан, оцени Европската комисија на минатонеделното заседавање.

– Не гледаме драматичен напредок, кој е потребен, особено кога е во прашање здравјето на граѓаните – изјави европскиот комесар за животна средина Виргинијус Синкевичиуз, пренесе „Танјуг“.
Пред државите од регионот претстои голема работа во областа на екологијата, за што се потребни политичка волја и финансиска поддршка за подобрување на квалитетот на воздухот и за заштита на животот и здравјето на граѓаните. Прашањата што се отвораат се однесуваат на тоа дали земјите од Балканот се целосно подготвени за справување со загадувањето, за што е неопходен и заеднички регионален пристап, особено во услови на голема економска криза предизвикана од пандемијата на ковид-19. Од аспект на Македонија е важно дали со формирањето на интерпарламентарната група од 39 пратеници ќе бидат постигнати и националниот интерес и заеднички ставови за борба против загадувањето.
– Секоја иницијатива од пратениците е позитивна. Сѐ што е во функција на заштитата на животната средина е корисно. Со секоја новозасадена површина ќе придонесеме за почист воздух во нашите градови. Потребен е сериозен пристап, имаме добри стратегии за екологијата, но без политичка волја тоа не може да се оствари. Ние ги имаме сите стратегиски документи, а најважен е новиот Просторен план на државата во кој се предвидени нови зелени површини, но, за жал, ништо не е направено и немаме реализација. Има изработено и програма за зазеленување на Скопска Црна Гора, за спречување на ерозијата на теренот, но што од тоа направивме? Доволно е да решаваме секоја година по еден дел од стратегијата.

Прва година нека е приоритет Скопскиот Регион, втората може да биде локалитетот Лисиче итн. За тоа ќе бидат добредојдени и европските фондови во областа за заштита на животната средина – ни изјави Александар Трендафилов, професор по шумарство.
Со потпишувањето на Софиската декларација за Зелената агенда за Западен Балкан, земјите од регионот се обврзаа на конкретна акција, вклучувајќи и воведување такси за емисијата на јаглерод диоксид и пазарен модел за поттикнување обновливи извори на енергија, како и постепено укинување на субвенциите за јаглен. Договорните страни од Енергетската заедница, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија, се обврзаа заедно со ЕУ за остварување на целта во 2050 година Европа да биде климатски неутрален континент.
Неодамна беа претставени и насоките за спроведување на Зелената агенда, која донесува предлог-активности и мерки. Во Софиската декларација се наведува дека земјите од регионот се договориле регионален совет за соработка да ја координира подготовката на акцискиот план за спроведување на декларацијата. Мерките се однесуваат на пет области: клима, енергија и мобилност, циркуларна (кружна) економија, спречување на загадувањето, одржливо земјоделство и производство на храна и биодиверзитет.