Балканот бележи дневни рекорди на заболени од коронавирусот

190

Епидемиолошката состојба во Црна Гора е „крајно алармантна и сериозна“, Србија очекува дневен пораст од 10.000 новозаболени, а Хрватска забележа најголема смртност во едно деноноќие

Земјите од регионот влегуваат во најкритичниот период од ширењето на епидемијата на коронавирусот и постигнуваат најголем дневен раст на заболени и починати лица. Медиумите известуваат за загрижувачката состојба во Србија, Црна Гора и во Хрватска, кои бележат дневни рекорди по починати лица од почетокот на епидемијата во февруари годинава. Поради ова националните штабови ги заострија мерките што се однесуваат на ограничено движење на граѓаните, преминување на онлајн настава и продолжување на предновогодишните зимски распусти за учениците.
Директорот на канцеларијата на СЗО во Србија, Маријан Иваниша, изјави дека Србија е меѓу водечките држави според бројот на инфицирани со коронавирус. Тој проценува дека епидемиолошката состојба нема да се подобри до средината на декември.
– Словенија има построги мерки, но не се подобри во здравствената слика. Тие се дојдени до израмнување на кривата и ширењето на вирусот е забавено, но бројот на заболени не почнал да паѓа – изјави Иваниша.

Во Србија, 51 пациент починале од ефектите на коронавирусот во последните 24 часа, што е најмногу од почетокот на епидемијата, а бројот на пациенти на кои им е потребна интензивна нега на респиратори е зголемен, објавија српските здравствени власти. На болничко лекување има 6.722 пациенти, од кои 243 се на апарати за дишење.
Белград сè уште има најголем број зарази, иако процентот на нови инфекции во главниот град на Србија е помал отколку во претходниот период.
– Ситуацијата во здравствената заштита е исклучително тешка – предупреди државниот секретар во Министерството за здравство, Берислав Векиќ, посочувајќи на потребата да се обезбедат дополнителни сместувачки капацитети, за да може да се згрижат новозаразените лица.
Епидемиолошката состојба во Црна Гора е „крајно алармантна и сериозна“, изјави епидемиологот на Институтот за јавно здравје Сања Меденица.
Според последниот дневен извештај, во Црна Гора починале 10 пациенти, а има повеќе од 500 новозаразени со коронавирусот.
Бугарската влада објави повторно воведување на поостри ограничувања, вклучувајќи и затворање ресторани и училишта, во обид да се ограничи напливот на случаи со коронавируси што го оптоваруваат здравствениот систем на земјата.
– Мерките стапуваат во сила на 27 ноември и ќе траат до 21 декември за да им се овозможи на повеќе луѓе да останат здрави додека не дојдат вакцините – изјави денеска Венцислав Мутафчиски, шеф на работната група за коронавирусот.
Земјата завчера регистрира 4.382 новоинфицирани, со што вкупниот број на случаи се искачи на 129.348.

Според новите мерки, сите барови, кафулиња, ноќни клубови, трговски центри и спортски сали ќе бидат затворени. Рестораните ќе можат да продаваат само храна за носење. Универзитетите и училиштата целосно ќе се префрлат на учење на далечина, а градинките ќе се затворат. Театрите ќе останат отворени, но во 30 проценти од капацитетот, додека приватните собири ќе бидат ограничени на 15 лица.
И Хрватска бележи рекорден број на заболени лица, кој завчера изнесуваше 4.080. Бројот на активни случаи достигна до 22.408. Во претходното деноноќие починале 48 лица, објави Националниот штаб за цивилна заштита.
– Последната недела имавме просечен дневен пораст на заболени од 15 отсто, претходно беше седум отсто. Нашата земја е на 24-то место на листата на земји од ЕУ. Поголема инциденција имаат Словенија, Австрија и Луксембург. Во однос на морталитетот сме на 12-то место на листата на ЕУ-земји, со смртност од 368 на милион жители. За попуштање на мерките можеме да сметаме од 21 декември доколку има помалку заболени – изјави Крунослав Цапак, раководител на Кризниот штаб.
Како дел од построгите епидемиолошки мерки во Хрватска се продолжување на училишниот одмор за седум дена и учениците ќе се вратат на училиште на 18 јануари.
Рестриктивните мерки во Грција остануваат во сила до 7 декември во шест часот наутро, соопшти портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас. Тој објасни дека оваа одлука на Владата е поради епидемиолошката слика во земјата. Најзагрижувачка е состојбата во Солун, Серес, Лариса, регионите Магнисиа, Етолоакарнаниа, Ахаиа и островот Лезбос, поради големиот број случаи во однос на бројот на жители. Во Грција се регистрирани 2.152 новозаразени и 87 смртни случаи за 24 часа. со што бројот на заразени се зголеми на 97.288 лица, а од почетокот на епидемијата починаа вкупно 1.902 лица.

Во последното деноноќие во Албанија се регистрирани 656 новозаразени со ковид-19 што е над 30 отсто од направените 2.174 теста. Во исто време битката со опасниот вирус ја изгубиле 10 пациенти на возраст од 44 до 85 години, со што вкупната бројка на починати се зголеми на 753.