Ајгингер: Ако ЕУ премногу чека, Русија и Турција ќе го дестабилизираат Балканот

357

Доколку ЕУ чека во сите земји на Западен Балкан да бидат воспоставени стабилни демократии без национални конфликти, рускиот и турскиот претседател Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган ќе го дестабилизираат тој регион, смета професорот на Економскиот факултет во Виена, Карл Ајгингер.

Поранешниот шеф на Виенскиот економски научен институт во авторски текст за весникот „Стандард“ потсетува дека ЕУ во 2003 година одлучила да му даде шанса за членство на цел Западен Балкан, додавајќи дека 15 години подоцна нема голем напредок.

Ајгингер го оценува договорот меѓу Македонија и Грција како сензационален, укажувајќи дека за тоа има заслуга ЕУ и нагласува дека против Договорот се мобилизираат конзервативците и комунистите во Грција, а Путин и неговите десничарско национални пријатели во Европа се обидуваат да го спречат прифаќањето за завршување на спорот во Македонија.

Западен Балкан, според австрискиот експерт, денес се наоѓа на крстосница.

– Во Србија постои тесно мнозинство кое поддржува членство во ЕУ. Историски, тоа е вреден резултат за внимание, имајќи предвид дека Србите секогаш тежнееле кон „пансловенско“ решение, а и Европа овозможи распад на Југославија и ја поддржа незвисноста на Косово. Меѓутоа, уште сега е загрозено проевропското мнозинство во Србија, против кое се бори Турција, српските националисти и пред сè рускиот претседател Путин – истакна Ајгингер, тврдејќи дека Путин речиси секојдневно испраќа свои луѓе во Белград, кои ветуваат инвестиции и пријателство.

Тој ја споменува и Црна Гора, за која вели дека преговара со ЕУ и има релативно добри карти в раце, но и околу таа земја се бори Русија, бидејќи Подгорица заедно со Белград ќе и отворат на Москва коридор кон Јадранско Море.

Кога станува збор за Косово, австрискиот професор оценува дека најголем проблем е што независноста не ја признале пет земји на ЕУ.

Ајгингер предупредува дека доколку ЕУ чека сите земји на Балканот да бидат стабилни демократии без национални конфликти, тогаш Путин и Ердоган ќе го дестабилизираат регионот, а Кина купи и изгради сè што е важно за влез во Европа.

Тој додаде и дека Австрија, како актуелен претседавач со ЕУ, има задача да го поттикне натамошниот пристапен процес.