Атина ја спушти рампата за српските туристи

97

Грција

Грција од вчера, од 6 часот наутро, повторно ги затвори границите за Србија, по порастот на бројот на заболени од коронавирус. На граничниот премин чекале стотина српски државјани, кои со часови биле заробени на границата меѓу Грција и Бугарија. Државјаните на Србија го блокирале преминот, кој е отворен за државјани на ЕУ, па царинските службеници поради метежот одлучиле пред седум часот наутро, сепак, да ги пуштат да влезат во Грција, пренесуваат српските медиуми.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ за РТС изјави дека одлуката на грчките власти е „непријатна“ и дека ситуацијата е „далеку од нормална“.
– Кабинетот на премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, ја информира Амбасадата на Србија дека привремено ќе го ограничи слободниот влез за туристите – кажа Дачиќ.

Дачиќ потсети дека ЕУ им препорача на своите членки Србија да ја стават на листата на земји чии граѓани ќе можат слободно да патуваат. Грција беше меѓу земјите што отворено се залагаа граѓаните на Србија да добијат зелено светло и таа ги отвори границите.