Атина притиска за менување на учебниците во Албанија

292

Во рамките на тековните преговори за границата помеѓу Албанија и Грција во Јонско Море, грчката страна побарала со Тирана да формираат заедничка експертска комисија што ќе ги менува учебниците во Албанија.

Грчкиот весник „Прототема“ пишува дека Албанија засега одбива да се формира таква мешана група на експерти и потсетува дека шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас неодамна изјавил оти грчката страна инсистира на отстранување на неприфатливите и навредливи квалификации за наводните албански региони во Грција, како и референци и мапи во кои грчките географски области се јавуваат како Чемерија.

– Ова, за жал, покажува дека албанската држава и понатаму е заглавена во анахронистички, националистички и идеолошки перцепции, штетни и опасни и за самата Албанија – кажал Коѕијас.

Атина бара Тирана да ги „исчисти“ учебниците од прашањето за Чамите и бара да ги нема веќе изразите како „албански територии во Грција“ и поимот Чемерија.

Инаку, како што пишува весникот „Илинден“ од Тирана, во Албанија со името Чемерија се нарекува територијата на која живееле етнички Албанци и која на конференцијата во Лондон во 1913 година ѝ припаднала на Грција. Во 1945 година од оваа територија биле протерани повеќе од 35.000 етнички Албанци, а неколку илјади биле убиени, под обвинение за „соработка со окупаторските германски и италијански власти“.

Медиумите ја пренесуваат и изјавата на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, кој ѝ се закани на Албанија дека доколку сака во ЕУ, треба „да ја затвори устата за некакво непостојно прашање за Чамите“.