Атина не го прима танкерот со нафта за Сирија

42

Грција

Грција нема да му го олесни патот на иранскиот танкер да стигне до Сирија, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтиадис Варвициотис во интервју за грчката телевизија Антена.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија надлежен за европски прашања објасни дека Грција не сака, во никој случај прашањето со танкерот да влијае врз односите со САД, jави дописничката на МИА од Атина.

Тој додал дека танкерот како дестинација го објавил пристаништето во грчкиот град Каламата, но истакна дека „во меѓународната навигација тоа не значи ништо“.
– Ние испративме порака, мислам дека е јасна, дека ние, во никој случај, не би сакале да го олесниме пренесувањето нафта во Сирија – истакна алтернативниот шеф на грчката дипломатија.

Варвициотис објасни дека станува збор за огромен брод, а ниту едно грчко пристаниште нема капацитет да прими толку голем танкер.
– Нема шанси да стигне до пристаниште, не може да стигне, не може да доплови на ниту едно грчко пристаниште – вели Варвициотис и додава дека танкерот може да влезе во грчките територијални води и може да се закотви некаде, а доколку се случи тоа, тогаш ќе видат како ќе реагираат.

САД ќе преземат сѐ што можат за да не дозволат иранскиот танкер да успее да ѝ достави нафта на Сирија во Средоземно Море и на тој начин да се прекршат американските санкции, изјави државниот секретар на САД, Мајк Помпео.
Помпео ја предупреди официјална Атина да не му помага на иранскиот танкер и се закани со санкции доколку тоа се случи, пренесе Ројтерс.
– Јасно им дадовме до знаење дека ако допуштат иранскиот танкер да влезе во пристаниште, ризикуваат САД да им воведат санкции – изјавил Помпео.
Американскиот државен секретар наедно истакнал дека САД ќе сторат сѐ за го спречат заминувањето на иранскиот танкер во Сирија.