Албанци од Ѓаковица се противат иселените Срби да ги посетат манастирите

69

Албанците во Ѓаковица, западно Косово, почнаа протест против најавеното доаѓање на иселените Срби кои, по повод празникот Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица), доаѓаат да го посетат локалниот православен манастир и нивните домови, јави дописникот на МИА од Приштина.

Граѓаните протестираат со паролите „Нема мир без правда“ и „Крвта на албанските деца убиени од Србите не се простува“.

На протестот се присутни бројни полициски сили.

Здружението „Повик на мајките“ од Ѓаковица, кое се приклучи на протестот, во отворено писмо побара од косовскиот претседател Хашим Тачи да го забрани доаѓањето на срспките верници.

Од друга страна, основачката на Фондот за хуманитарно право од Белград Наташа Кандиќ исто така му се обрати на Тачи со отворено писмо, во кое го повика да им овозможи на Србите од Ѓаковица да го посетат манастирот.

Во одговорот што го објави на Фејсбук, Тачи напиша дека „во денешно време е непојмливо и неприфатливо некој да ги крши основните права и да не им дозволува на српските граѓани да ги посетуваат верските објекти, било во Ѓаковица, или каде и да е друго во Косово“. Тој вети дека ќе го употреби сиот свој авторитет за да им овозможи на српските аџии, кои минатата година беа спречени во нивната намера, годинава да го посетат манастирот во Ѓаковица.