Албанците сѐ уште стравуваат да се вратат во своите домови по земјотресите

168

Голем број жители на Тирана и Драч сѐ уште не се враќаат во своите домови по земјотресот со јачина од 5,8 степени во кој се повредени 105 лица, а оштетени се стотици куќи.

По првиот земјотрес следеа над 100 потреси, оштетени се околу 600 куќи, а без вода и електрична енергија неколку часа останаа жителите на Тирана, Драч и други места во западните и централните делови од земјата.

По потресот, голем број луѓе излегоа на улиците, а најмалку 500 лица ја поминаа ноќта во привремени засолништа.

Денеска се врши проценка на штетите на куќите и зградите, а подигнати се и дополнителни шатори за сместување на населението.

Албанскиот премиер, Еди Рама поради земјотресите ја откажа посетата во Њујорк на состанокот на Генералното собрание на Обединетите Нации. Тој кажа дека добил повици од колеги од Италија, Франција, Германија и други европски земји кои му ја понудиле својата помош, пренесе „АП“.

Комесарот за проширување на Унијата, Јоханес Хан, кој е во заминување од функцијата, на неговиот профил на Твитер, соопшти дека Унијата понудила помош.

На владина седница одлучено е полицијата да биде во состојба на зголемена готовност за да ја контролира ситуацијата по земјотресите кои најмногу беа почувствувани во Тирана и Драч.