Албанците во Подгорица со самостојна општина

265

Граѓаните од Тузи, по одвојувањето од Подгорица, не се целосно задоволни од надлежностите што ги добиваат со статусот на самостојна општина

В сабота стапуваат во сила измените на законите со кои реонот на Тузи од сегашната територија на Подгорица, со значајно присуство на албанско население, станува самостојна општина Во Демократска Црна Гора и Демократскиот сојуз, партиите што се залагаа за добивање статус на самостојна општина, не се сигурни дека има повод за посебна радост. Никола Цамај, советник од редовите на Демократскиот сојуз, смета дека по 30 години непрекинато ангажирање за самостојна општина, граѓаните на Тузи можат да здивнат, но само кога станува збор за добивањето статус на општина.

– Дали е тоа што го баравме? Наспроти големата децентрализација, по одземањето на големите ресурси, по измената на демографската структура, по изборот на марионетски органи и политички паразити на власт и со фактот дека добар дел од Малесија не влезе во новите општински граници, дали можеме да се радуваме на статусот на полноправна општина. Особено што со неа ќе управуваат оние што до последниот ден се противеа на осамостојувањето на општината – вели Цамај за подгоричкиот весник „Вијести“.

Од Демократската Црна Гора објаснуваат дека во Демократската партија на социјалистите (владејачка партија во ЦГ) пресметале дека не им се потребни гласовите од Малесија за опстојување на власта во Подгорица и затоа со леснотија „препуштаат“ да се одвои Тузи.

Одборникот на Демократската партија во Тузи, Штљефан Цамај, вели дека правото на локална самоуправа, како едно од основните човекови права, долги години било неостварлива желба на граѓаните од Малесија.
– Се прашувам што се случи ова право да го остваруваме од први септември. Се чини дека се поклопија бројките за тоа дека не им се потребни граѓаните од Малесија и Тузи. Очекуваме општината да биде вистински сервис на граѓаните, да им служи на интересите на секој граѓанин и да остварува сеопфатен развој и просперитет на овој крај. Граѓаните на Малесија и Тузи заслужуваат да имаат полноправна општина – нагласува Цамај.

Одборникот на ДПС во собранието на Тузи, Никола Гегај, вели дека основната цел на измените на законот е јакнење на правата на граѓаните.

– Верувам дека Тузи како полноправна општина ќе има подобра перспектива затоа што самостојноста подразбира и тоа граѓаните и локалната самоуправа сами да одлучуваат во правец на развојот и за други важни прашања за општината. Економската одржливост на една општина подразбира сеопфатни активности и сигурен сум дека Тузи ќе има поддршка од Владата и другите државни органи – вели Гегај за „Вијести“.