Албански медиуми: Албанија губи поголем дел од територијалните води во Јонското Море

76

Со договорот што Грција и Албанија треба да го потпишат за определување на морската граница, Атина добива 12 милји од албанските територијални води во Јонско Море, тврдат медиумите во Тирана.

Според содржината на договорот, од кои детали објавија грчките медиуми, Грција добива 12 милји од мирските води, почнувајќи од најсеверниот остров, па се до островите околу Крф.

Албанските медиуми оценуваат дека на овој начин Албанија речиси целосно ја губи контролата над Јонското Море, додека грчките територијални води се доближуваат до полуостровот Карабурун.

– Албанија засекогаш губи голем дел од Јонското Море и ќе има контрола на само неколку милји оддалеченост од Саранда, Дерми и Паласа или единствено полуостровот Карабурун, додека Грција ќе ја има целосната контрола. Грција, исто така, има право да го експлоатира морското дно пред Карабурун. Тоа го потврдува најголемото предавство на една Влада што Албанија ја имала во периодот повеќе од еден век, констатира порталот Албеу.

Грчките медиуми наведуваат дека не се очекува „да се допре копнената граница меѓу двете земји“, која е дефинирана во периодот 1913-1914 година.

Засега нема реакции од албанска страна, посебно што премиерот Еди Рама и министерот за надворешни работи Дитмир Бушати, во изјавите околу ова прашање тврдеа дека Албанија не губи ништо со овој договор.