Албанските студенти најавија штрајк со глад ако не им бидат исполнети барањата

527

Дождливото време не ги спречи илјадниците студенти денеска да протестираат пред Министерството за образование во Тирана.

Освен осумте барања кои вчера ги соопштија, тие денеска побараа да биде спроведен ветинг, односно проверка на потеклото на имотот на професорите, носејќи со себе фотографии на професори, кои според нив барале мито од студентите за испит.

Доколку барањата не им бидат исполнети, најавија дека од вторник ќе стапат во штрајк со глад.

– Ќе чекаме до вторник. Доколку министерката Линдита Никола и премиерот Еди Рама не ги исполнат нашите барањата, почнуваме штрајк со глад – соопштија студентите.

Тие и понатаму не дозволуваат политизирање на нивните протести, а не им дозволија да им се придружат и жителите од населбата „Астир“, чии домови треба да се урнат поради изградбата на големата обиколница, а кои протестираат повеќе од еден месец.

Во моментот кога министерката Никола излезе од министерството и обидот да влезе меѓу толпата, придружувана од телохранители, беше пречекана со извици на незадоволство, поради што беше принудена да се врати назад во министерството.

Студентите не прифатија преговори, туку единствено директно решение на нивните барања, па во моментот кога Никола сакаше да разговара со нив почнаа да извикуваат „срам! срам!“.