Албанската опозиција ќе ја бојкотира и утрешната седница на Собранието

122

Албанската обединета опозиција, предводена од Демократската партија на Љуљзим Баша, ќе ја бојкотира и утрешната, втора, седница на Собранието по летните одмори.

Наместо во собраниската сала во Тирана, пратениците на опозицијата ќе бидат во градот Елбасан, да протестираат против „рапидно зголемениот криминал“ и несигурност што ја чувствуват жителите на овој град.

– Елбасан е само еден во низата градови каде што владее криминалот и каде криминалните банди се поврзани со државата, обвини Баша, најавувајќи го бојкотот на утрешната седница на законодавниот дом.

Тој порача дека ослободувањето од криминалот останува апсолутен приоритет на опозицијата во новата парламентарна сесија. Албанската опозиција во собраниската сала не беше и на трети септември, на првата седница по летните одмори.

Дел од раководството и пратениците заседаваа во северниот град Скадар, каде во изминатите три месеци забележан имаше бран на криминалните дела, меѓу кои и шест, како што ги нарекуваат, мафијашки убиства.

Инаку, од вчера во Скадар се стационирани и големи полициски сили со цел расветлување на низата тешки криминални дела, кои, според албанските медиуми, градот го направиле небезбедно место за живеење.