Албанската економија закрепнува

78

Албанија

Европската комисија ја советува албанската влада да ја продолжи политиката за намалување на јавниот долг и неповолните кредити, искористувајќи ја позитивната динамика во економијата.

Во последната процена за економиите на земјите-кандидати, ЕК констатира дека економскиот пораст во Албанија дополнително се забрзува во првата половина од оваа година, поддржан од странски инвестиции и зголемена домашна потрошувачка.
Во првиот квартал од 2018 година албанската економија забележа пораст од 4,4 отсто, што е највисок пораст во еден квартал во последните три и пол години.
Според ЕК, сите компоненти на домашната побарувачка придонеле позитивно за економскиот пораст, но најголем ефект има проширувањето на приватната потрошувачка и деловните инвестиции.

Приватната потрошувачка одржувала солиден пораст од три отсто, поддржана од зголемувањето на вработеноста и на платите, особено во јавниот сектор.
– Закрепнувањето на економијата е проследено со пораст на вработеноста, особено во приватниот неземјоделски сектор, каде што бројот на вработени се зголемил за 12,2 отсто во споредба со претходната година. Но ова подобрување на економската ситуација, Владата треба да го искористи за побрзо намалување на јавниот долг и неповолните кредити, два проблематични показатели за Албанија – констатира ЕК.
Комисијата посочува дека Албанија треба да продолжи со фискалната консолидација. Иако јавниот долг се намали на 69 отсто од бруто-домашниот производ (над 8 милијарди евра), и понатаму е на многу високо ниво.

За 2018 година ЕК предвидува пораст на албанската економија за 3,6 отсто, додека за следната 3,9 отсто.