Албанија ќе прифати 20 мигранти од бродот „Дичиоти“ на италијанскиот брег

32

Албанија ќе прифати 20 мигранти кои десет дена се „заглавени“ на бродот „Дичиоти“ на италијанската крајбрежна стража, во пристаниште на Сицилија.

Веста преку Твитер ја соопшти шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати, наведувајќи дека „неговата земја е подготвена да и подаде рака на Италија“.

– Ние не можеме да ја замениме Европа, но ние секогаш сме тука, на другата страна од морето, каде некогаш ние страдавме и дење и ноќе на морската шир, очекувајќи Европа да се разбуди! Италија вчера не спаси нас, денес ние сме подготвени да и подадеме рака, напиша Бушати.

Благодарност до албанските власти веднаш изрази неговиот италијански колега Енцо Моаверо Миланеси, оценувајќи дека тоа е „знак на голема солидарност и пријателство, што високо го цени Италија“.

– Албанија е прва земја која ни понуди помош. Од една земја која е надвор од ЕУ. И благодариме на Албанија за помошта, изјави Миланеси.

Италија води остра дебата со ЕУ барајќи конечно решение во справувањето со мигрантската криза. Таа бара мигрантите да бидат распоредени во сите земји членки на Унијата.

Инаку, мигрантите беа спасени ноќта меѓу 15 и 16 август во Средоземно Море, кога на бродот од вкупно 190 останаа 150 мигранти, додека од него слегоа само болните и малолетни лица. Во меѓувреме уште 16 мигранти, 11 жени и пет мажи се пренесени во болница поради сомнеж дека имаат туберкулоза. На бродот, според последните информации има уште 134 мигранти.