Албанија ќе ги пронаоѓа и идентификува исчезнатите од времето на Енвер Хоџа

87

Албанската Влада го одобри Договорот со Меѓународната комисија за исчезнати лица (ИЦМП), за отпочнување на процес за пребарување и идентификација на дел од илјадниците жртви на режимот на комунистичкиот лидер Енвер Хоџа.

Со Договорот, Владата ќе ја ангажира ИЦМП за истражување, барање и идентификација на дел од речиси шесте илјади Албанци кои биле убиени или исчезнати за време на 45-годишната комунистичка власт во земјата, процес кој почнува по околу три децении по падот на режимот.

ИЦМП обезбеди грант од ЕУ од околу 450.000 евра за отпочнување на пребарувањето и идентификација преку ДНК анализа.

Пребарувањето ќе започне со озлогласените гробишта познати како „Казерма 313″ во предградието на Тирана под планината Дајти, каде што значителен број луѓе биле закопани во тајност откако биле убиени во текот на 70-тите и 80-тите години од минатиот век.

Според истражувањата на БИРН, Јован Плаку, син на инженерот Коцо Плаку, егзекутиран во 1976 година, барајќи ги коските на татко му на оваа локација, открил остатоци на 12 лица, од кои и по осум години ниту еден не е идентификуван.

Втората локација се гробиштата во близина на поранешниот принуден работен логор во Балш на југот на Албанија, што е дел од десетиците локации на кои постојат индиции дека се закопувани жртвите на режимот на Хоџа.

Откако ја презеде власта во 1945 година, комунистичката Влада одбивала да им ги даде на роднините телата на убиените или починатите во затворите, туку најчесто тие биле погребувани во областа околу затворите во необележани гробови.