Албанија со најниски стандарди за малцинските права

76

Лидерот на Партијата за заштита на човековите права, партија на грчкото малцинство во Албанија, Вангел Дуле изјави дека во Албанија не се почитуваат правата на етничките малцинства.

Според него, тоа се потврдува и во последниот извештај на Советот на Европа, во кој се наведува дека правата на етничките малцинства во Албанија не се почитуваат и оти земјата се рангира меѓу земјите што имаат најниски стандарди кога станува збор за почитување на правата на малцинствата.

Тој смета дека е потребен искрен политички дијалог за подобрување на правната рамка за малцинствата.

– Во извештајот на Советот на Европа се наведуваат сите загрижености и критики на кои посочуваше Партијата за заштита на човековите права во политичкиот живот. Второ, извештајот дава жална оцена на реалноста дека во нашата земја не се почитуваат правата на малцинствата. Ѝ се обраќам на политичката класа дека на Албанија ѝ е потребен искрен дијалог за подобрување на правната рамка за малцинствата. Да се активираат сите инструменти што ќе го овозможат овој дијалог – порача Дуле.

Според него, Албанија сѐ уште е земја каде што најмалку се почитуваат правата на малцинствата и оти е неопходно да се подобрат стандардите.


Тензично пред парламентот во Тирана

Илјадници граѓани вчера повторно излегоа на протест организиран од обединетата албанска опозиција додека албанскиот парламент одржуваше пленарана седница.
Демонстрантите се обидуваат да го пробијат полицискиот кордон врз кој фрлаат димни бомби и тврди предмети, извикувајќи „Рама оди си“, „Парламент на криминалци“… Полицијата повика на воздржаност, но веќе се пристигнати возила подготвени да го разбијат насобраниот народ со водни топови.
Конфронтација со полицијата претходно имаа и жителите од населбата Астир, кои повеќе од 100 дена протестираат бидејќи нивните домови треба да се урнат поради изградба на големата обиколница во Тирана.
Во парламентот заклетва дадоа уште тројца пратеници од Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), кои ги заменуваат оние што се откажаа од мандатите. При влегувањето во парламентот, пратеникот Ралф Ѓони од ЛСИ, беше испрскан со боја.