Во Албанија од вечерва на полноќ стапува во сила забраната за увоз на автомобили постари од десет години, всушност ќе биде дозволен увоз на возила кои исполнуваат стандард „Евро четири“.

За камиони и автобуси, дозволената старост на производство ќе изнесува 15 години. Постои простор за возила од историски интерес и колекционерство, за кои е дозволен увоз, доколку се произведени пред 1970 година.

Денис Шабани, Директор на Царинската испостава во пристанишниот град Драч, од каде во најголем број влегуваат увезените возила, изјави дека по донесувањето на владината одлука многу е зголемен увозот на стари возила.

– Забележан е голем увоз на возила, пред се автомобили, бидејќи фирмите кои се занимаваат со трговија на користени автомобили беа заинтересирани да увезат што поголем број автомобли,за да може да ги продаваат по стапувањето во сила на одлуката – истакна Шабани.

Тоа пак, според него, е поради фактот дека возилата кои во Албанија влегле пред втори декември 2018 година и кои се царинети, може да се регистрираат до први март следната година.

Веќе регистрираните возила и понатаму ќе сообрајќаат по патиштата низ Албанија, а ќе може и да се продаваат.

Просечната старост на возилата во земјата е 20 години и Владата преку оваа одлука сака да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот.

Во Албанија, има над 600.000 возила при што 80 отсто од нив произведени се пред 2007 година. Во просек годишно се увезуваат од 30.000 до 40.000 возила.