Британскиот природонаучник Дејвид Атенборо, Светската здравствена организација (СЗО) и белоруската дисидентка Светлана Тихановскаја се меѓу номинираните за овогодинешната Нобелова награда за мир, откако добија поддршка од норвешките пратеници.

Според последните најави, меѓу кандидатите за признанието се и папата Франциско, Владата на национално единство на Мјанмар формирана од противниците на минатогодишниот пуч, министерот за надворешни работи на Тувалу Симон Кофе, рускиот активист Алексеј Навални, Меѓународниот кривичен суд во Хаг, Викиликс и Челзи Менинг, НАТО, иранскиот активист за човекови права Масих Алинеџад и Арктичкиот совет, меѓувладин форум за соработка за Арктичките нации, пренесе „Ројтерс“.

Право да номинираат кандидати имаат илјадници луѓе во светот, од пратеници до поранешни победници.
Според непишано правило, секоја година од 2014 година, со исклучок на 2019 година победуваат кандидатите номинирани од норвешките пратеници. Минатата година, една од победниците беше Марија Реса, филипинска новинарка која беше норвешки предлог.

Атенборо (95) е најпознат по неговите значајни телевизиски серии кои го илустрираат природниот свет, вклучувајќи ги „Животот на Земјата“ и „Сината планета“. Тој беше номиниран заедно со Меѓувладината научно-политичка платформа за биодиверзитет и екосистемски услуги, која ја проценува состојбата на биолошката разновидност во светот за креаторите на политиките.
– Тие се номинирани за „нивните напори да ја информираат и заштитат природната разновидност на Земјата, предуслов за одржливи и мирни општества – рече кандидатот Уне Бастолм, лидер на Норвешката Зелена партија.

Поранешен министер за меѓународен развој на Норвешка, Даг Инге Улштајн, го номинирал папата Франциско, за неговите напори да помогне во решавањето на климатската криза, како и за неговата работа кон мир и помирување.

Министерот за надворешни работи на Тувалу, Сајмон Кофе, бил номиниран од лидерот на норвешката Либерална партија, Гури Мелби, за неговата работа во истакнувањето на прашањата за климатските промени.

– Не постои научен консензус за климатските промени како важен двигател на насилната борба – рече Хенрик Урдал, директор на Институтот за мировни истражувања во Осло, предупредувајќи против „премногу поедноставена врска меѓу двете“.

Пандемијата на коронавирус беше центар на грижите на луѓето во последните две години, а оваа година повторно беше номинирана меѓународната организација задолжена за борба против неа, СЗО.
– Мислам дека за СЗО најверојатно ќе се разговара во Комитетот за овогодинешната награда – рече Урдал.

Како кандидат именувана е и Владата на национално единство на Мјанмар, влада во сенка формирана минатата година од противниците на воената управа откако цивилниот лидер и поранешен лауреат на наградата за мир Аунг Сан Су Чи беше приведен во државен удар.

Лауреатот за 2021 година ќе биде објавен во октомври.