Фото: Принт-скрин

Дали украинскиот лидер Владимир Зеленски наликува на поранешниот британски премиер Винстон Черчил или на некогашниот авганистански претседател Ашраф Гани? Ова прашање беше поставено на брифинг на водечките луѓе на американското разузнавање пред Русија да ја покрене специјалната операција во Украина кон крајот на февруари, пишува „Лос Анџелес Тајмс“.

Со други зборови, прашањето гласеше дали Зеленски би можел да предводи историски отпор или ќе избега со падот на неговата влада, како што наведува американскиот весник, нагласувајќи оти американските разузнавачки агенции ги потцениле украинскиот претседател и неговата држава, додека истовремено ја прецениле Русија и нејзиниот претседател, иако ја предвиделе наредбата на Владимир Путин за инвазија.

Но, украинскиот главен град Киев не падна во рок од неколку дена, како што очекуваа САД, чии шпионски агенции сега се соочуваат со партиски притисок за да разгледаат што згрешиле, особено по грешките во проценката за Авганистан минатата година.

Комитетот за разузнавање во американскиот сенат минатиот месец испрати строго доверливо писмо до директорот на Националното разузнавање, прашувајќи за начинот на кој разузнавачките агенции ги проценија Украина и Авганистан.

Претставниците на Демократската и на Републиканската партија се прашуваат дали САД можеа да сторат повеќе пред почетокот на воените дејствија во Украина, како и дали Белата куќа била воздржана во поддршката поради песимистичките проценки за украинската способност за отпор.

Водечките луѓе на американското разузнавање го почнаа испитувањето на начинот на кој нивните агенции ги проценуваат волјата и капацитетите на странските власти за борба, додека имаат клучна улога во Украина.

Поранешната заменик-директорка на националното разузнавање Сју Гордон истакна дека американските аналитичари можеби во преголема мера се потпирале на проценување на рускиот воен и сајбер инвентар.

– Ќе научиме малку повеќе за начинот на кој размислуваме за капацитетите, како и за користење на различните случаи кога се проценуваат исходите – кажа неодамна Гордон.