Како се борат жителите на САД со високата инфлација

Жителите на Јужна Калифорнија ја поминуваат границата со Мексико за да одат во набавка на основните животни намирници и да заштедат пари, во периодот кога има рекордно ниво на инфлација во САД. Инфлацијата во земјата во јули се намали на 8,5 отсто, а тоа е рекордно историско ниво во последните 40 години. Жителите на мексиканскиот град Тихуана велат дека таму секојдневно одат многу Американци за своите неделни резерви со храна да ги дополнат со поевтини намирници од продавниците во Мексико. Млекото е поевтино за 50 отсто, додека тоалетната хартија е поевтина за четири долари во мексиканските продавници, пренесува „Њујорк пост“.
Дејвид Мекарти, жител на местото Чула Виста, јужно од Сан Диего, редовно патува до Мексико, кое е на дваесет минути од неговиот дом. Тој и сопругата го паркираат автомобилот на граничната рампа, ја поминуваат границата пеш и одат до првиот маркет во пограничниот мексикански град Тихуана.
Инфлацијата во САД минатиот месец бележи намалување, со пад на цената на горивата, но притисокот од порастот на цените и натаму е присутен, поради растот на цените на енергентите во светот поради војната во Украина, пишува „Волстрит џурнал“.
Индексот на потрошувачките цени во јули остана непроменет, откако бележеше континуиран раст во последните 25 месеци. Во јуни годинава беше забележана најголемата инфлација во САД од ноември 1981 година. Базната инфлација што ја мери промената на цените на енергентите и храната падна минатиот месец на 0,3 отсто, во споредба со нејзиниот раст во јуни од 0,7 отсто.
Цените на храната во јули пораснале за 1,3 отсто во однос на претходниот месец и за 13,1 отсто во споредба со минатата година. Ова е најбрз годишен раст од 1979 година. Високата инфлација е нуспродукт на брзиот американски раст во САД по падот поради епидемијата од ковид-19, за што влијаеле ниските каматни стапки и субвенциите од Владата на САД. Сега Федералните резерви се соочуваат со предизвикот за заострување на монетарната политика, што ќе го „олабави“ пазарот на трудот и ќе ги забави потрошувачката и порастот на инфлацијата, но не до ниво да предизвика рецесија во земјата.
Намалувањето на побарувачката на производи додека граѓаните повеќе трошат за услуги, како и подобрувањето на синџирот на набавки, го намали растот на цените на стоките, што беше главен двигател на растот на инфлацијата, се наведува во анализата на „Волстрит џурнал“. Американската економија во последните две тромесечја забележа пад, што го поттикна стравот од рецесија во земјата.
Просечните цени на горивата во САД се намалија за 20 отсто од максимумот во јуни, затоа што стравот од рецесија ги симна цените на суровата нафта, пишува „Вашингтон пост“. Суровата нафта, која се продаваше во јануари по 80 долари за барел, во март достигна цена од 120 долари, поради стравот од санкции за извоз на руската нафта. Во јуни цените на нафтата почнаа да паѓаат и американската референтна нафта на 11 август се продаваше по 91 долар за барел.
„Вашингтон пост“ забележува дека постои можност да дојде до нов пресврт во цените на нафтата. Организацијата на земјите извозници на нафта ОПЕК минимално го зголеми производството по барањата на американскиот претседател Џо Бајден и другите светски лидери да се надомести недостигот на пазарот на нафтени деривати. Аналитичарите за „Вашингтон пост“ предупредуваат на најлошо сценарио, со целосен прекин на испорака на руската нафта, а цената би можела да достигне 380 долари по барел, што е четири пати повисоко од сегашната цена.

Подготвил: Митко Јовановски