„Ако наскоро не дојде до мир, на Европа ѝ се заканува уште поголема војна“

Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер

Поранешниот американски државен секретар и претседателски советник за национална безбедност, Хенри Кисинџер, на Светскиот економски форум во Давос излезе со предупредување што предизвика големо внимание кај учесниците, дека ако наскоро не се постигне мир, на Европа ѝ се заканува уште поголема војна. Кисинџер на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос во понеделникот разговараше со неговиот основач и извршен директор Клаус Шваб (84) и рече дека моменталното расположение во светот сугерира дека поразот на Русија ќе биде фатален за Западот, бидејќи ќе доведе до реорганизација на европската хиерархија на моќ. Притоа тој додаде и дека војната во Украина не треба да трае долго и дека Западот треба да ја притисне Украина да ги прифати условите од прекинот на огнот, кои не се во согласност со нејзините сегашни цели и ситуацијата на теренот.
– Преговорите мора да почнат во текот на следните два месеца, бидејќи во спротивно ќе се создадат тензии, кои нема така лесно да се надминат. Идеално, линијата на раздвојување треба да биде враќање на претходната состојба на работите. Инсистирањето на продолжување на војната по тие два месеца нема да доведе до слобода на Украина, туку до нова војна против самата Русија – рече Кисинџер.
Поранешниот американски државен секретар додаде дека Русија е дел од Европа веќе 400 години и дека во клучните моменти гарантирала дека ќе се одржи рамнотежата на силите на Стариот Континент.
– Европските лидери не треба да заборават на долгорочните односи и не треба да ризикуваат до степен Русија и Кина да станат постојани сојузници. Се надевам дека Украинците ќе го помират своето херојство со мудроста – рече Кисинџер и порача дека Украина треба да биде неутрална тампон-зона, а не погранична земја.