Фото: Принт-скрин

Ќе се случи пресврт во конфликтот со Русија до средината на август и тој ќе заврши до крајот на годинава, изјави шефот на украинската воена разузнавачка служба, генерал-мајор Кирило Буданов, во интервју за „Скај њуз“.

– Пресвртот ќе биде во втората половина на август. Најголем дел од активните борбени акции ќе бидат завршени до крајот на годинава. Како резултат на тоа, ќе ја вратиме украинската моќ на сите наши територии што ги загубивме, вклучително и Донбас и Крим – рече Буданов.

Тој рече дека Русија ќе претрпи огромни загуби, но оти не е изненаден од таквите размери, со оглед на тоа што руската моќ, како што вели, е „мит“.

– Европа ја гледа Русија како голема закана. Тие се плашат од нејзината агресија. Осум години се бориме против Русија и можеме да кажеме дека руската моќ е мит. Тоа не е моќно, тоа е орда луѓе со оружје – рече Буданов.

Украинскиот генерал истакна дека руските сили кои го нападнаа североисточниот град Харков биле турнати речиси до руската граница и дека нивниот неуспех да ја преминат реката Северски Донец пред неколку дена довел до „тешки загуби“.

– Можам да потврдам дека претрпеа големи загуби во жива сила и оклоп и можам да кажам дека кога се случија артилериските напади, многу екипажи ја напуштија својата опрема – додаде тој.

Тој исто така тврди дека поразот на Русија во Украина ќе доведе до смена на рускиот претседател Владимир Путин.