Фото: Твитер/Кремљ

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги обвини западните банки дека не извршиле плаќања за рускиот гас, само две недели откако побараа таквите плаќања да се вршат во рубљи.

– Постојат неисполнети обврски при извозните испораки на руските енергетски ресурси, рече Путин за време на состанокот за развојот на рускиот енергетски сектор, чии делови беа емитувани на државната телевизија. Банките од овие крајно непријателски држави го одолговлекуваат трансферот на плаќањата – пренесува ДПА.

На крајот на март, Путин побара земјите од ЕУ за испорака на руски гас во иднина да плаќаат во рубљи, потег што го презеде Москва заради ублажување на ефектите од западните санкции врз нејзината економија.

Западните влади воведоа строги санкции за Русија.

Купувачите на руски гас можат да отворат сметка во „Газпромбанк“ и таму да депонираат пари во долари и евра како и претходно. Банката ги претвора парите во рубљи и ги префрла на Гаспром.

Додека западните лидери бараат дополнителни начини за запирање на руското бомбардирање на Украина, Путин предупреди да не се воведува какво било ембарго на рускиот гас и нафта, чекор на кој инсистира Киев.

– Последиците од таквиот чекор можат да бидат многу болни – особено за иницијаторите на таквата политика – рече Путин.

Тој, исто така, повтори дека Русија сака во иднина да продава повеќе од своите суровини на други региони во светот.

Со плаќањето на рускиот гас во рубљи, пак, некои земји-членки на ЕУ би го прекршиле европскиот режим на санкции против Москва, се вели во интерната нота на Европската комисија што ја пренесува Хина.

Во документот, кој е технички и прелиминарен и се заснова на неофицијален превод на рускиот претседателски декрет од 31 март, се вели дека законот додава неколку нови слоеви на обврски на купувачите на гас од ЕУ и практично го одзема финализирањето на купувањето од нивните раце.

– Овој механизам ќе доведе до прекршување на постоечките европски рестриктивни мерки воведени против Русија, нејзината влада, централната банка и соработниците, како и на општата забрана за заобиколување на европските рестриктивни мерки – се вели во нотата.

Според шемата, ЕУ ќе продолжи да плаќа на Гаспромбанк во договорената валута, евра или долари, но работата ќе биде завршена само кога руската банка ќе ја претвори валутата во рубљи во договор со централната банка и ќе ги уплати на другата сметка, се вели во документот на ЕК.

– Резултатот е дека исплатата при уплатата на конечната сметка се довршува во валута што не е наведена во договорот – се вели во белешката.