Фото: Архива

Време е за нови луѓе, изјавил српскиот претседател Александар Вучиќ, најавувајќи повлекување од претседателската функција во неговата Напредна партија во мај оваа година. Тој за телевизијата К1 изјавил дека 10 години е на челото на партијата и веќе размислува кој би можел да биде негов наследник.

-Во главата веќе имам четворица кандидати за наследник. Време е за нови луѓе, јас сум веќе 10 години на нејзиното чело. Се повлекувам бидејќи не сакам да загрозам што било пред тоа и победата на партијата на изборите- изјавил Вучиќ.

Во истото интервју Вучиќ додава дека сака да има повеќе време за неговото семејство и да ужива во секојдневни работи од кои политиката го оддалечила.

-Би се зачудиле кога би кажал дека и јас имам топлина и емоции, понекогаш сум и јас човечко суштество, си кажувам дека ова го можам, а ова не. Не сум бил ни еден ден на море, можеби сум сакал да бидам нормален, обичен човек. Да видам што ми прави ќерката, малиот син да го однесам на џудо, кошарка, големиот веќе не ме рецка два отсто- изјави српскиот претседател.

Според објавата на Б92, по најавата за повлекување од лидерската позиција во партијата, Вучиќ истакнал дека едвај чека да види што ќе се пишува после 50 години. На прашањето за негов наследник во партијата не открива имиња. Меѓу другото, вели дека презира насилници и дека главно соработува со жени, бидејќи многу ги почитува.

– Околу мене се главно жени. Сите тие жени веќе 10 години се со мене и ниту една не заминала. Во нашата влада има најголем процент жени. Поголемиот дел од мојот тим го сочинуваат жени. Веројатно на човека му судите по делата – вели Вучиќ во изјавата што ја пренесе Б92.

На прашањето дали би се вратил на премиерската позиција, Вучиќ одговара: „Па дали навистина мислите дека тоа е возможно?!“, пренесува Б92.