Биогоривата заедно со водородот можат да бидат достојна замена за керозинот во авијацијата

Во Велика Британија неодамна првпат беше изведен лет на револуционерен авион со погон на водород. Експертите во авиоиндустријата посочуваат дека водородот е добро решение и предизвик за авионскиот сообраќај, кој може да стане реалност во наредните две години, и истиот тој не го загадува воздухот ниту ја нарушува климата

Технолошки скок во развојот на светската авиоиндустрија

Развојот на авионите на водород е „стратегиски приоритет“ на повеќето мултинационални авиокомпании што се занимаваат со производство на летала. Токму како резултат на овие долгогодишни истражувања и концепти за нови летала во авиосообраќајот со погон на екогориво беше и последното истражување во центарот за развој на аеродромот во Кренфилд, Велика Британија, каде што неодамна беше извршен и првиот пробен лет на авион со погон на водород од „м-класата“. Како што објавија новинските извештаи за ова случување со првиот лет на ваквиот тип воздухопловно летало што беше придвижувано од екогориво, британскиот авион ја отвори новата фаза во остварување на целите на светската авијација, а таа е во иднина да се одвива без штетни емисии на јаглерод.
Имено, како што пренесува Би-би-си, целта на компанијата што го произвела авионот „зиро авија“ е човечките активности во иднина, како производството, градежништвото, туризмот и транспортот да функционираат на струја или на други извори на енергија што ќе произведуваат ниска или никаква емисија на јаглерод во воздухот.
– Покрај техничкиот развој, мора да еволуираат авиоиндустријата и регулаторната рамка, со цел користење на водородот во комерцијалните авиони. Ќе биде неопходно да се подготви и инфраструктурата на аеродромите за складирање на водородот во големи количества што ќе преставува огромен финансиски трошок за земјите. Но зелениот водород од обновливи извори денес е многу поскап од водородот со фосилно потекло, чие производство и употреба е голем загадувач – соопштиле од компанијата „Зиро авија“.

Авиосообраќајот еден од најголемите загадувачи

Во меѓувреме, пред пандемијата целосно да го парализира авиосообраќајот, комерцијалните летови имаа удел од 2,5 отсто од вкупните светски емисии на јаглерод диоксид, кој многу влијае врз факторите што го поттикнуваат глобалното затоплување. Друг фактор што придонесува за загадувањето е водената пареа што ја испуштаат самите авиони при летовите. Добрата вест е што комерцијалната авијација значително ја подобрува својата ефикасност, а емисиите на јаглерод по патнички лет се намалија за над 50 отсто од 1990 година, благодарение на подобрените мотори и функции. Лошата вест е што овие придобивки практично се поништено со зголемениот обем на сообраќај, кој се зголеми за најмалку една петтина во последните пет години, оценува британскиот медиум.
Во таа насока, медиумот посочува дека на прв поглед водородот изгледа како добро решение за предизвикот авионскиот сообраќај да не ја наруши климата. Без разлика дали водородот се користи за напојување на горивна ќелија или директно согорува во моторот, единствениот отпаден производ е чистата вода. Водородот има огромна енергија по единица маса, поточно трипати повеќе од конвенционалните авионски горива и сто пати повеќе од литиум-јонските батерии.

И владите сакаат да инвестираат

Во контекст на пишувањата, неодамна и британската влада соопшти дека заедно со приватни инвеститори и комерцијални партнери ја поддржува идејата за развој на комерцијално летало со водороден погон, во кое ќе можат да патуваат до 20 патници до околу 648 километри. Во меѓувреме, основачот и директор на фирмата „Зиро авија“, Вал Мифтаков, вели дека очекуваат да започнат со комерцијални летови најрано во 2023 година, а веќе од 2026 година ќе има летови со поголеми авиони до 80 седишта. За 2030 година, Мифтаков најави летови со 100 патници.
Во оваа амбиција не изостанува ниту копнена Европа. Грација Виталдини, технолошката директорка во „Ербас“, вели дека водородот е „еден од најветувачките технолошки вектори што ќе овозможат мобилноста да продолжи да ги исполнува основните човечки потреби за движење во подобра хармонија со животната средина“. Лани во септември, „Ербас“ соопшти дека погонските системи со водородно гориво ќе бидат во центарот на новата генерација комерцијални авиони без штетни емисии. Проектот е дел од стимулативниот пакет вреден милијарди евра за зазеленување на европската економија.
Од „Ербас“ презентираа три концепти за авиони што би биле ставени во функција до 2035 година. Првиот е авион со турбопропелери со 100 патнички седишта. Вториот е турбомлазен авион за 200 патници. Двата модела се слични на сегашните авиони, но третиот концепт има футуристички изглед, кој дефинитивно отскокнува од стандардните авиони. „Ербас“ вели дека третиот дизајн ќе има голем капацитет за патници за долги летови, но нема други детали во сегашната фаза. Сите три модели се замислени како водородни хибриди. Работата во „Зиро авија“ и „Ербас“ предизвика голем интерес, но не сите во авијациската индустрија се убедени дека водородот ќе игра голема улога во транзицијата кон ниска или нула емисија на јаглерод.

Недостатоци на технологијата

Од друга страна, експертите во авијацијата говорат дека првичните недостатоци за комерцијална употреба на оваа технологија и гориво се во физиката и хемијата. Имено, според експертите, водородот има повисока енергија по маса од авионското гориво, но помала енергија по волумен. Па, така, гасот мора да биде компресиран или да се претвори во течност со ладење на екстремно ниски температури и да се чува во доволни количества. Друг предизвик е и енергетската густина на течниот водород, која е само една четвртина од онаа на авионското гориво. Ова, според експертите, значи дека за истото количество енергија, за водородот ќе треба четирипати поголем резервоар. Така, авионот на водород во иднина ќе треба да има помалку патнички седишта или да биде значително поголем.