Маж и 11-годишно девојче настрадаа во силна бура што ги зафати густо населените области во североисточниот дел на САД. Тие настрадаа кога дрва паднале врз нивните автомобили во кој се наоѓале, соопштија локалните медиуми.

Силната бура, придружена со силен ветер, поројни дождови и град предизвика проблеми во сообраќајот и прекин на електричната енергија.

Националната метеоролошка служба издаде предупредување за силни грмотевици од Мериленд до Њу Хемпшир. Примени се над 50 пријави за силен град во повеќе држави, меѓу кои Охајо, Пенсилванија, Њујорк и Конектикат, соопшти метеоролошката служба.

Во Саливен, во северниот дел на државата Њујорк, забележано е торнадо, но нема пријави за штети.
Повеќе од 600 илјади домаќинства во Њујорк, Њу Џерси, Конектикат, Пенсилванија и Вирџинија вчера попладне останаа без струја.

Поради паднати дрвја од бурата, стопирано е движењето на сите возови на централната станица во Њујорк.