Британскиот премиер Борис Џонсон, кој се соочува со голема политичка блокада и криза поради брегзит, најверојатно ќе поднесе оставка, оценува Малком Бар, главниот британски економист во инвестициската банка Џеј-Пи Морган.

Џонсон доживеа вистински политички шах-мат, откако британскиот парламент повторно го отфрли неговото барање за распишување предвремени избори.

Претходно, британската кралица Елизабета даде конечно одобрување за законот, со кој се спречува премиерот да ја изведе земјата од Европската Унија без договор на 31 октомври. Покрај тоа, вчера во сила стапи и владината одлука за распуштање на парламентот во наредните пет седмици поради кризата. Законодавното тело официјално беше суспендирано со формална церемонија во Домот на лордовите, но откако спикерот на Долниот дом, Џон Беркау, го изрази своето незадоволство, порачувајќи дека многумина сметаат дека станува збор за „измама од извршната власт“. Пратениците ќе се вратат во парламентот на 14 октомври, нешто повеќе од две недели пред Британија и официјално да ја напушти ЕУ.

Бар од Џеј-Пи Морган смета дека премиерот Џонсон ќе мора да поднесе оставка, доколку не најде некое „магично“ решение за кризата со брегзит.

– Една опција е премиерот да претстави договор за брегзит пред парламентот и да добие одобрување за него или, пак, да поднесе оставка и да остави некој друг да побара одложување од ЕУ. Во овој момент, сметаме дека оставката е поверојатна опција – додава Бар.