Поранешниот американски државен секретар Џон Кери, кој беше главниот преговарач во Администрацијата на поранешниот претседател на САД, Барак Обама за склучување на нуклеарниот договор со Иран, денеска предупреди дека се разгорува „нова трка во вооружувањето“, која ги загорзува договорите за контрола на оружјето.

– Опасно е. Денес ние сме опкружени со одредени луѓе, кои говорат за нова трка во вооружувањето, рече Кери, додавајќи дека парите наместо за развоја на оружје, треба да се трошат за здравството, училиштата и инфраструктурата и за градење на иднината.

Според Кери, таквите активности ги загрозуваат договорите за нуклеарното оружје со среден дострел и за намалување на стратешкото оружје.

Ваквата изјава, Кери ја даде во Милано во пресрет на денешното обраќање на американскиот претседател Доналд Трамп, во кое тој треба да објави дали САД ќе се повлечат од договорот за иранската нуклеарна програма.

Како одговор на изјавата на Кери, Трамп оцени дека поранешниот државен секретар „не може да се помири со фактот дека имал своја шанса и ја потрошил”, кога е во прашање Иран.

– Стој подалеку од преговорите Џон, ти и наштетуваш на својата земја! – напиша Трамп на Твитер, одговарајќи му на Кери .