Британскиот премиер Борис Џонсон во Рим ѝ се пожалил на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен за, како што истакнал, целосно неоправданите француски закани во врска со дозволите за риболов, најавувајќи можна тужба против Париз, пренесуваат светските медиуми.

Ескалацијата на тензиите се случи пред планираната средба меѓу Џонсон и францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на самитот на Г20 во Рим еден ден откако Лондон ја повика француската амбасадорка Кетрин Колон на разговори.

Велика Британија и Франција се расправаат околу риболовот во британските територијални води по нрегзит. Според договорот за Брегзит, кој стапи на сила на 1 јануари, пристапот на земјите од ЕУ до британските води е регулиран преку издавање дозволи за риболов. Европските рибари можат да продолжат да ловат риба во британските води доколку докажат дека тоа го правеле и претходно. Но, за тоа имаат дозвола од Лондон, што доведе до спор меѓу двете земји.

Париз му се закани на Лондон со построги здравствени и безбедносни проверки на камионите кои пристигнуваат од британска територија и забрана за истовар на улов од страна на британски рибари во француските пристаништа, доколку Британците дотогаш не издадат повеќе дозволи за француските рибари.

За време на состанокот со претседателот на ЕК во саботата, Џонсон изрази загриженост поради „реториката на француската влада“ на оваа чувствителна тема меѓу Лондон и Париз.

– Француските закани се целосно неоправдани и не се во согласност со трговскиот договор меѓу Велика Британија и ЕУ, ниту со меѓународното право – напиша Џонсон во соопштението од неговиот кабинет.

Британскиот министер за Брегзит, Дејвид Фрост изјави во петокот дека владата активно размислува да покрене тужба против Франција поради договорот за Брегзит.

„Ако некој од нашите партнери одлучи да го прекрши договорот, тогаш ќе продолжиме со тоа“, додаде Џонсон.

Фон дер Лаен, пак, во саботата на Твитер накратко објави дека Комисијата интензивно бара решенија.