Британскиот министер за надворешни работи во оставка Борис Џонсон оцени дека сонот за Брегзит умира и оти Велика Британија ќе се претвори во „колонија на ЕУ“.

Џонсон денеска поднесе оставка на функцијата, поради несогласувања со британската премиерка Тереза Меј во врска со планот за преговорите за излез на Велика Британија од ЕУ, кој предвидува блиски трговски врски меѓу двете страни и по Брегзитот.

– Навистина тонеме кон стаус на колонија. Многумина ќе се борат за економска или политичка корист од тој посебен аранжман – наведува Џонсон во образложението на причините за неговата оставка, што го пренесе Би-Би-Си.

Според него, Брегзитот требало да претставува можност и надеж Велика Британија да ги прави нештата поинакви.

– Требаше да сме динамични и да го извлечеме максимумот од личните предности на Велика Британија во една отворена и свртена кон надвор глобална економија. Но, тој сон умира, задушен од ненужната неубеденост во сопствените сили – наведува Џонсон во образложението.

Џонсон е вториот член во британската Влада што поднесе оставка во последниве 24 часа, поради противење на планот на Меј, откако претходно тоа денеска го стори и министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис. Меј за наследник на Дејвис го именува министерот за домување Доминик Раб.

Џонсон и Дејвис беа незадоволни од резултатите од седницата на британската Влада одржана во петокот, на која беше усвоен планот на Меј за идните преговори за договорот за истапување на Велика Британија од ЕУ.