Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека се надева оти неговата земја ќе има подобри односи со Русија.

– Јас сум како многу други луѓе во Западна Европа, кои уште се надеваат дека можеме да имаме подобри односи со Русија. Секогаш се надеваме – истакна Џонсон во интервјуто за естонската радио-телевизија ЕРР њуз.

Тој додаде дека Лондон сака подобри трговски односи со Москва, истовремено посочувајќи на „ужасните проблеми“ во односите помеѓу двете земји. Во тој контекст, Џонсон потсети на инцидентот во Солсбери, кога наводно беа отруени бившиот руски шпион Сергеј Скрипл и неговата ќерка Јулија. Британскиот премиер во Талин оствари средба со естонскиот колега Јириј Ратас, а ги посети и британските војници во базата во близината на естонската престолнина.

Во меѓувреме, британските медиуми пренесуваат дека американскиот претседател Доналд Трамп го повикал Џонсон да ги посети САД во 2020 година. Повикот на Трамп следува по неодамнешната победа на Џонсон на предвремените избори во Британија.

„Сандеј тајмс“, повикувајќи се на извори од британската влада, пишува дека допрва треба да биде одреден точниот датум за посетата, иако се шпекулира дека таа може да се реализира и во текот јануари.