Џонсон порача дека Лондон ќе одбие прифаќање слични правила за конкуренцијата, социјалните буџети и за еколошките стандарди

Визијата на британскиот премиер за идните трговски односи помеѓу ЕУ и Британија е во остра спротивност со онаа што ја претставија лидерите на Унијата, оценува „Гардијан“

Британскиот премиер Борис Џонсон предупреди дека Британија нема да ги прифати правилата на Европската Унија и ќе ја отфрли јурисдикцијата на европските судови при евентуалното постигнување трговски договор помеѓу двете страни. Покрај тоа, Џонсон порача дека Лондон ќе одбие прифаќање слични правила за конкуренцијата, социјалните буџети и за еколошките стандарди. Од друга страна, Мишел Барние, главниот преговарач на ЕУ за брегзит, истакна дека британските производи што ќе влегуваат во Унијата ќе бидат предмет на регулаторни контроли, порачувајќи дека извозниците мора да се подготват за гранични проверки, пренесува „Гардијан“.

– Нема потреба од договор за слободна трговија, во кој е вклучено прифаќање на правилата на ЕУ за конкурентската политика, субвенциите, социјалната заштита, екологијата или нешто повеќе отколку што Унијата би требало да биде обврзана да ги прифати британските правила – истакна Џонсон во говорот во кој ја претстави својата визија за идните трговски односи помеѓу Лондон и Брисел.
„Гардијан“ оценува дека визијата на Џонсон е во остра спротивност на мандатот на лидерите на ЕУ, кои целат кон одржување еднакви правила на играта, кога станува збор за идниот трговски договор со Британија.

Британскиот премиер сигнализира дека претпочита договор сличен на оној што ЕУ го има со Канада или со Австралија, кој ја почитува автономија на британските судови.
– Изборот не е „договор или без договор“. Прашањето е дали се согласуваме на трговски односи со ЕУ слични на канадските или на австралиските. Во секој случај, не се сомневам дека Британија ќе просперира. Се разбира дека нашите нови односи со нашите најблиски соседи ќе опфаќаат многу повеќе од трговијата. Ќе бараме прагматичен договор за безбедноста, заштитувајќи ги нашите граѓани без да ја нарушиме автономијата на нашите правни системи – додаде шефот на британската влада.
Според него, Британија не планира да ги намали стандардите откако ја напушти ЕУ.
– Во многу области, Британија е понапред со стандардите од ЕУ, како што се флексибилните работни односи и платеното породилно отсуство. Британија има повисока минимална плата од речиси сите членки на Унијата. А кога станува збор за државната помош, Франција и Германија многу повеќе користат државна помош отколку Британија. Доколку ЕУ е загрижена за државната помош, тогаш треба да се фокусира на нив – порача британскиот премиер.

Истовремено со обраќањето на Џонсон во Брисел беше претставена нацрт-верзијата за идните односи помеѓу ЕУ и Британија. Главниот европски преговарач за брегзит Мишел Барние истакна дека нацрт-верзијата ги покрива економското партнерство, безбедносното партнерство, како и рамката за институционално владеење. Во однос на економското партнерство, тој порача дека ЕУ е подготвена да понуди укинување на царините, квотите, како и амбициозен договор за услугите.

– Британија би понудила конкуренција. Конкуренцијата е нормална. Но извонредната европска понуда е условена од две работи. Прво, конкуренцијата мора да биде отворена и фер. На долг рок мора да има еднакви правила на игра. Тоа значи механизам за одржување на високите стандарди. Второ, мора да има договор за риболовот, вклучувајќи и реципроцитетен пристап кон водите – заклучи Барние.
Според него, ќе бидат потребни повеќе од десет месеци за Брисел и Лондон да преговараат за договор за идните трговски односи. Барние додаде дека двете страни до октомври планираат да одржат девет рунди разговори.