Поранешниот британски министер за надворешни работи, Борис Џонсон, кој во моментов е кандидат за замена на британската премиерка, Тереза Меј, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп, при недамнешната посета на Лондон, се обидел со него да разговара телефонски, но тој помислил дека е шега и ја прекинал врската.

За „Сандеј тајмс” Џонсон изјави дека добил повик од некој кој тврдел дека се јавува од централата на Даунинг стрит.

– Таа личност имаше благ ирски акцент и рече дека повикува од централата број 10 и сака да ме поврзе со американскиот претседател, кој сакал да разговара со мене. Таа ми рече дека ќе ме поврзе со Собата за ситуации (позната како Конференциска соба Џон Кендеи) во Белата куќа. Јас, размислувајќи брзо, како и вообичаено, и реков „до сите ваши слушатели на Радио Килкени – ни за момент не ме измамивте“ – изјави Џонсон.

Потоа тој ја прекинал врската и ја повикал централата број 10, каде му било кажано дека тоа бил американскиот претседател.

На крајот, Џонсон и Трамп разговарале, при што американскиот претседател покажал заинтересираност за интензивирање на економската соработка, како и интерес за склучување договор за слободна трговија.

Како што се наведува, Трамп сакал и состанок со Џонсон, но поранешниот британски министер морал да го одбие, бидејќи се подготвувал за кампања за лидер на Конзервативната партија.