Конзервативниот британски пратеник Филип Ли пребега во редовите на опозициските либералдемократи пред пресметката во парламентот меѓу конзервативната влада на Борис Џонсон и револтираните конзервативци. Тие, заедно со опозицијата, се противат на брегзит без договор.

Ли седел во редовите на опозицијата додека Џонсон се обраќал во парламентот, јави Би-би-си.

Неговото напуштање на владејачката партија може да има драматични последици бидејќи истата досега имаше мнозинство со само еден пратеник.

Ли изјави дека владата се обидува да спроведе штетен брегзит на непринципиелен начин, ризикувајќи ги животите и приходите на граѓаните.

Во говорот пред парламентот, Џонсон, сепак пред пратениците порача дека тој сè уште сака брегзит со спогодба со ЕУ, уверувајќи ги дека и натаму постои висок интензитет во преговорите со Брисел.

Но, британскиот премиер исто така рече дека плановите на револтираните конзервативци да го блокираат брегзитот без договор, на кој владата инсистира доколку не се постигне нов договор со ЕУ, ќе ги уништи сите шанси за преговори за нова спогодба.

Всушност, Џонсон смета дека заканата со брегзит без договор е неопходна за да се присили Европската Унија да направи отстапки.