Поддржувачот на Исламската држава Кујтим Фејзулаи кој е осомничен за оружениот напад во Виена во кој завчера беа убиени четири лица, а 23 беа ранети, свесно ги „измамил“ неговите ментори од програмата за дерадикализација убедувајќи ги дека се откажал од џихадизмот, соопшти австрискиот министер за внатрешни работи, пренесуваат светските медиуми.

Фејзулаи развил интерес за политичкиот ислам како тинејџер и правел планови да се придружи на ИД во Сирија. Тој бил депортиран од Турција во Австрија по неуспешен обид да влезе во Сирија во септември 2018 година, по што бил осуден на 22-месечна затворска казна на 25 април минатата година. Казната била намалена во согласност со австриските закони, а потоа и суспендирана под услов тој да биде под надзор на властите и да учествува во програма за дерадикализација на австриското министерство за правда.

Нехамер истакна дека Фејзулаи успеал да ги измами неговите ментори кои не забележале знаци за неговата радикализација.

 – Го гледаме ова како грешка во системот. Имало прерано пуштање на радикализирана личност – кажа австрискиот министер за внатрешни работи, додавајќи дека Фејзулаи создал впечаток дека има желба за реинтеграција во австриското општество, додека „бил фокусиран на уништување на системот“.

Обидот за одземање на австриското државјанство на осомничениот терорист наишол на застој поради недостиг на докази за неговата терористичка активност.

Програмата за дерадикализација „Дерад“ е организација со седиште во Виена и во неа учествуваат 13 ментори кои работат со лица кои се осомничени за радикализам или кои веќе биле осудени за поврзаност со терористички групи. Програмата им овозможува на властите да вршат надзор врз лицата кои се сметаат за потенцијален ризик за општеството.

Директорот на „Дерад“ Муса Ал-Хасан Диао ги отфрли тврдењата на австриските медиуми според кои програмата се залагала за ослободување на Кујтум Фејзулаи откако утврдила дека тој не претставува закана. Ал-Хасан Диао истакнал дека неговата организација пружала извештаи за судот направени врз основа на месечни средби со осомничените исламисти. Австриската министерка за одбрана Алма Задиќ исто така ја бранеше програмата.

Дваесетгодишниот Кујтим Фејзулаи, родум од Медлинг во близина на Виена, беше убиен девет минути откако отворил оган во центарот на австрискиот главен град. Неговите жртви биле повозрасен маж и жена, како и еден млад минувач и келнерка. Седуммина од 23-та повредени се во критична состојба.

Осомничениот напаѓач бил вооружен со автоматска пушка, пиштол и мачета и носел лажен бомбашки елек. Тој во пресрет на нападот објавил фотографија на Инстаграм на која позирал со оружјето, според австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер. Синоќа Исламската држава презеде одговорност за нападот преку соопштение објавено на апликацијата Телеграм. Четрнаесет лица поврзани со напаѓачот беа задржани на испрашување од страна на полицијата.